Европската унија размислува да исклучи 20 банки од SWIFT како дел од притисокот врз Русија.
Европската унија размислува да исклучи повеќе од 20 банки од меѓународниот систем за плаќања SWIFT, да го намали ценовниот лимит за руската нафта и да го забрани гасоводот „Северен тек“, како дел од новиот пакет санкции насочени кон зголемување на притисокот врз Москва да ја прекине војната против Украина, објавува „Блумберг“.
Европската комисија се консултира со земјите-членки во врска со тие планови, објавува американската агенција, повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање.
Одлука за временската рамка на можните ограничувања сè уште не е донесена, рекоа интервјуираните, кои не сакаа да бидат именувани.
Санкциите на ЕУ бараат поддршка од сите земји-членки и можат да бидат изменети пред официјално да бидат предложени и усвоени.
ЕУ, исто така, разгледува дополнителни забрани за трансакции за околу 20 банки и нови трговски ограничувања во вредност од околу 2,5 милијарди евра, додека се стреми дополнително да ги ограничи приходите на Русија и нејзината способност да ја добие технологијата потребна за производство на оружје.
Како дел од пакетот што моментално се разгледува, ЕК планира да предложи и намалување на ценовната граница за руската нафта на околу 45 долари за барел, рекоа соговорниците.
Клучно е што планот на ЕУ за санкционирање на гасоводот „Северен тек“ веќе ја има поддршката од Германија.
За германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој минатата недела во Рим изјави дека го поддржува предлогот на ЕК да се започне со работа на европски мерки против гасоводот „Северен тек 2“, главната надеж е дека санкциите можат да ги ублажат дебатите во земјата за оживување на проектот.
Гласините за евентуално оживување на проектот за гасоводот се засилија по напорите на Трамп да посредува во мировните преговори меѓу Русија и Украина.
Дури и без формална забрана, активирањето на „Северен тек 2“, кој беше изграден, но никогаш не беше сертифициран од Германија и беше делумно оштетен во експлозиите во 2022 година, не се очекува во блиска иднина.