Адидас и Пума веројатно ќе го следат примерот на Најк во зголемувањето на цените на патиките и спортската облека во Соединетите Американски Држави, бидејќи увозните тарифи ги зголемуваат малопродажните трошоци, велат аналитичарите и инвеститорите.
Најк, најголемата компанија за спортска облека според продажбата и пазарната вредност, во средата изјави дека следната недела ќе зголеми некои цени, наплаќајќи до 10 долари повеќе за обувки кои моментално чинат повеќе од 150 долари, објави Ројтерс.
Роберт Кранковски, аналитичар кој ја следи ситуацијата во врска со спортската опрема, наведува дека ова е моментот што го чекале Адидас и Пума.
„Ова не е специфично за Најк, туку станува збор за зголемување на трошоците низ целата индустрија, бидејќи тарифите ќе влијаат на сите“, додаде тој.
Двата германски бренда за спортска облека, неодамна објавија дека нема да бидат првите што ќе ги зголемат цените, но чекаат да видат што ќе направат нивните конкуренти.
Во април, американскиот претседател Доналд Трамп воведе општи тарифи од 10 проценти за целиот увоз во САД, додека повисоки тарифи од 30 проценти важат за Кина.
Она што повеќе ги загрижува големите брендови за спортска облека е тоа што клучниот центар за производство на обувки и облека во Виетнам се соочува со закана од воведување на огромната царина од 46 проценти во јули.