27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Љубљана – Европската комисија одобри 166 милиони евра од кохезискиот фонд на ЕУ за продолжување на работите на модернизација на железничката пруга во Словенија, од местото Прагерско до Ходош, на границата со Унгарија. Обновата на пругата во должина од 109 километри почна во 2009 година, а за цел проект на нејзината електрификација како и изградбата и модернизацијата на техничката инфраструктура, премини и железнички станици, според проценките ќе треба да се инвестираат над 300 милиони евра. Се работи за најголем проект на доградба на железничката инфраструктура во Словенија, покрај планирата изградба на вториот колосек на пругата Копер – Диваќа која е моментално во застој.

Љубљана – Просечната нето плата во Словенија во март изнесуваше 993,70 евра, што е за 1,1 отсто повеќе во однос на претходниот месец, но и 0,2 отсто помалку на годишно ниво, поради падот на примањата во јавниот сектор, соопшти Заводот за статистика во Љубљана. Платите во јавниот сектор паднаа во март за 0,7 отсто на 1.130,01 евро нето, додека платите во приватниот сектор на годишно ниво пораснале за 0,2 отсто на 918,60 евра. Просечната бруто плата изнесувала 1.502,08 евра, еден отсто помалку во однос на март 2012 година, иако во однос на февруари е зголемена за 1,5 отсто.

Загреб – Кроација Ерлајнс поради штрајк на пилотите и стјуардесите само завчера изгуби милион куни (132.000 евра), а ако синдикатите продолжат со штрајкот, до крајот на денот штетата ќе надмине 2 милиона куни, наведе компанијата.

Париз, Будимпешта – Рускиот гигант во областа на нуклеарната енергија Росатом се подготвува за проширување на нуклеарната централа во Пакша, во Унгарија. Руската компанија за таа цел одржа заеднички состанок со претставници на 170 унгарски фирми специјализирани во енергетскиот сектор, кои се нејзини потенцијални партнери за изградба на двата нови реактори на постоечката нуклеарна електрана, која се наоѓа во Пакша, сто километри јужно од Будимпешта.

Будимпешта
 – БДП на Унгарија порасна за 0,7 отсто во првиот квартал оваа година, што значи дека земјата излегла од долгата рецесија за последните четири годиин, покажуваат објавените податоци на унгарската канцеларија за статистика КСХ. Овој раст, кој ги надмина очекувањата на аналитичарите е резултат на подобрувањето во секторите за градежништво и земјоделство и претставува напредок во однос на забавувањето од 0,4 отсто од последниот квартал во 2012 година, наведено е во соопштението на КСХ. Конечните податоци за БДП за тој квартал ќе бидат објавени на 6 јуни.

Париз – Француската компанија ФармаГест специјалист за информатички решенија за лаборатории и фармацевстката индустрија, во првиот квартал оваа година оствари приходи во вредност од 29,87 милиони евра, што претставува зголемување од 11,7 отсто. Во филијалата Фармаси Франс која учествува со 77 отсто во вкупните приходи на групацијата, остварено е зголемување на приходите од 4,7 отсто на годишно ниво, додека во филијалите во Белгија и Луксембург забележан е уште поголем раст од 21,2 отсто.

Брисел – Европската комисија ќе испрати официјално предупредување на Кина во врска со воведување на царините на производи од кинескиот производител на телекомуникациска опрема Хуавеј и компанијата ЗТЕ, кои според Комисијата добивале нелегални владини субвенции. – Сакаме да испратиме предупредување до Кинезите, т.е. ако не сакаат да ја променат својата пракса, ние ќе воведеме царини – рече неименуван извор запознат со состојбата, додавајќи дека Де Гухт има целосна поддршка од претседателот на ЕК Жозе Мануел Баросо.

Лондон – Загубите на британскиот нискобуџетен авионски превозник Изиџет речиси се преполовени во првата половина на финансиската година, наспроти предизвикувачките услови на работа. Загубите по оданочувањето во шест месеци заклучно со март, изнесуваа 47 милиони фунти (55 милиони евра), во споредба со загубите од 90 милиони фунти од истиот период претходната фискална година, наведено е во соопштението на компанијата.

Берлин – Германскиот производител на челик Тисен Круп планира укинување на 3.000 административни работни места во светот, бидејќи катастрофалните инвестиции на компанијата во странство предизвикаа загуби во вториот квартал. – Вкупниот број на вработени на административни позиции ќе се намали за околу 3.000 од моменталното ниво од 15.000 – наведено е во соопштението на компанијата, која веќе во почетокот на годината најави укинување на 2.000 работни места во Европа.

Париз – Француската влада разгледува воведување на данок од еден отсто на продажбата на паметни телефони и таблети, за да може со тие собрани средства да помогне на француската индустрија за филм, музика и слики. Се проценува дека со овој данок можат да се соберат околу 86 милиони евра годишно. Целта на овој предлог е заштита на француската култура од пазарните притисоци и странската конкуренција. Француските емитери веќе плаќаат одреден надомест за проекти од културата, но од тој систем моментално се исклучени компании како што се Гугл и Епл.

Љубљана – Постапката за продажба на Меркатор нема да биде прекината, па наскоро повторно на преговори може да биде повикан Агрокор, неофицијално дознава словенечкиот весник Дело. Информациите за продолжување на продажната постапка можат да се толкуваат и како тестирање на подготвеноста на Агрокор да понуди нешто повисока цена, со оглед дека концептот на Тодориќ според неофицијални информации, за акција Меркатор понудил 110 евра, што е двојно помалку од цената која беше подготвен да ја плати пред една година (221 евро).

Подгорица – Компаниите во државна сопственост ќе имаат рок од 15 дена да ги намалат платите на директорите, помошниците директори, советниците и секретарите на ниво од најмногу една ипол просечна плата во државата. Владата на Црна Гора на следната седница ќе усвои нови заклучоци, според кои платите на пониските ешалони од директорите на фирмата ќе можат да изнесуваат околу 720 евра, а не како до сега 1.500 евра. Мотивот за оваа одлука на Владата на Црна Гора како што се наведува била анализа врз чиј основ е утврдено дека некои компании не ги спровеле нејзините заклучоци од мај ланската година.

Лондон – Британската банка ХСБЦ во рамки на планот кој за следниот период предвидува заштеда од три милијарди долари годишно, може да угаси уште 14.000 работни места. Оваа банка претставувајќи ја стратегијата за следниот тригодишен период, најави дека нејзиниот број на вработени може да падне на 240.000 до 250.000 во период од 2014 до 2016 година, додека на крај на 2012 тој изнесувал 261.000.

Загреб – Ѓуро Ѓаковиќ со француската Атир Рејле склучи нов договор вреден 46 милиони куни (околу 6 милиони евра) како продолжеток на успешната соработка во која таа хрватска компанија во текот на 2012 година на францускиот порачател испорача специјализирани авиони за превоз на товар. Новиот договор се однесува на изработка и испорака на товарни вагони серија фалнс, со зафатнина од 58 кубни метри, наменети за превоз на товар. Испораката на вагоните ќе почне веќе во декември и ќе продолжи во 2014 година.

Лондон – Банката на Англија прогнозираше дека британското стопанство во следните месеци ќе напредува повеќе од очекуваното, но и потенцира дека зајакнувањето се уште е на стаклени нозе. Се очекува БДП да изнесува околу 0,5 отсто во вториот квартал, но зајакнувањето ќе биде нееднакво, наведе британската централна банка. Банката исто така предвидува дека инфлацијата во текот на летото веројатно ќе достигне врв од 3,2 отсто, како и дека нема да падне под 2 отсто до почетокот на 2016 година.

Вашингтон – Американските фабрики во април значително го намалија производството, што укажува на тоа дека стопанскиот раст оваа пролет може да успори, покажаа официјалните податоци во Вашингтон. Американската Управа за федерални резерви наведува дека производството на преработувачкиот сектор минатиот месец падна за 0,4 отсто, на месечно ниво, што е трет пад во последните четири месеци и најголем од октомври 2012 година. Производството на автомобили и авто делови падна за 1,3 отсто, но се смета дека таквото движење е привремено, сметајќи дека производителите на возила пријавуваат раст на приходите.

Париз – Куповната моќ на Французите е намалена лани за 0,9 отсто, соопшти францускиот Завод за статистика, кој ја ревидираше претходната мартовска проценка од 0,4 отсто. Тоа е рекордно намалување на куповната моќ во Франција од 1984 година, кога тоа достигнало 1,1 отсто. Според соопштението минатата година бруто приходот на француските домаќинства порасна за 0,9 отсто, со истовремен раст од 1,9 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП