3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Подгорица – Црногорските граѓани должат на Електростопанство ЕПЦГ за струја околу 126 милиони евра, а просечен долг по домаќинство изнесува околу 400 евра. Од ЕПЦГ порачаа дека во следниот период ќе го интензивираат исклучувањето на нередовните плаќачи, наведувајќи дека долг за струја имаат околу 223.000 домаќинства.

Сараево – ММФ изрази загриженост поради евентуалното усвојување на Законот за заштита на жиранти кој се наоѓа во процедура во Домот на народот во Парламентот на Федерацијата БиХ. Шефот на мисијата на ММФ за Босма и Херцеговина Рон ван Роден во писмо до премиерот на Федерацијата Нермин Никшиќ наведува дека експертите на ММФ сметаат дека предложениот закон е проблематичен од повеќе причини, вклучувајќи го и нејасниот делокруг и карактер на неговата примена како и фактот дека истиот би бил контрапродуктивен во решавање на високото ниво на неквалитетни кредити во банкарскиот систем.

Загреб – Полската осигурителна куќа ПЗУ се вклучи во трката за преземање на Кроација осигурување, иако се уште не е познато под какви ислови ќе се продава хрватската осигурителна куќа. – Приватизацијата на Кроација осигурување ни е интересна можност која добро се вклопува во нашата стратегија за развој – рече претседателот на Управата на ПЗУ во Загреб Анджеј Клесик. Полската држава е сопственик на 35 отсто акции во ПЗУ, кој е лидер на полскиот пазар за осигурување и кој работи во Литванија, Летонија, Естонија и Украина.

Брисел – Компанијата Виза се согласи да намали некои од своите меѓубанкарски провизии до 60 отсто, поради загриженост на ЕУ околу монопол, наведе Европската комисија. Комесарот на ЕУ за конкурентност Хоакин Алмуни изјави дека го поздравува планот на фирмата Виза за намалување од 40 до 60 отсто. Компанијата исто така се согласи на реформи на своите прописи за да ја олесни прекуграничната конкуренција, наведе Алмуни, додавајќи дека одличн е што Виза се одлучила да ги изнесе своите предлози како реакција на загриженоста на Комисијата.

Истанбул – Американската компанија Боинг ги заврши успешно преговорите за испорака на 95 авиони Боинг 737 со турскиот авионски превозник Туркиш Ервејз. Вредноста на потпишаниот договор е 9,4 милијарди долари. Минатиот месец ТХВ соопшти дека првите 20 авиони ќе бидат испорачани во 2016 година, а дека идната испорака од 20 авиони ќе биде извршена во 2018 година, Потоа уште 15 авиони ќе бидат доставени во 2019 година, додека последната испорака од 10 авиони ќе се изврши во 2021 година.

Љубљана – Словенечкиот трговски синџир Меркатор во првите три месеци оствари околу 660 милиони евра приходи и осум милиони евра нето загуба, објави словенечкиот деловен весник Финанс. Весникот наведува дека резултатите се полоши од очекувањата, а за нив ќе расправа надзорниот одбор на компанијата. Официјалните резултати треба да бидат познати до крајот на неделата, кога според наводите на конзорциумот сопственик на 53 отсто акции на компанијата – банката и Пиварата Лашко, ќе продолжат разговорите за можна продажба на нивниот удел.

Милано – Италијанската банка Интеза Сан Паоло наведува дека заработката во првиот квартал е намалена за 62 отсто, поради пониски приходи од каматите и поголеми загуби на име одобрени кредити. Банката наведува дека во првите три месеци во 2013 година остварила нето профит од 306 милиони евра, во однос на 804 милиони од истиот период лани. Меѓутоа, акциите на банката скокнаа за 2,2 отсто на 1,42 евра на миланската берза, сметајќи дека резултатите претставуваат напредок во однос на последниот квартал лани, кога банката забележи загуба од 83 милиони евра.

Берлин – Инфлацијата во Германија, најголема европска економија, успори во април на најниско ниво за последните две и пол години, покажаа објавените податоци на германската канцеларија за статистика Дестатис. Трошоците на животот во Германија во април на годишно ниво, пораснаа за 1,2 отсто, што е пад од мартовските 1,4 отсто, соопшти Дестатис.

Берлин – Свесткиот лидер во областа на поштенските услуги, германската компанија Дојче Пост објави дека во првото тромесечје оваа година го зголеми оперативниот профит за 2,9 отсто на износ од 711 милиони евра, благодарение на интензивната активност на странскиот пазар, како и во Германија.

Париз – Мултинационалната медиумска компанија Лагардер присутна во 30 земји со седиште во Париз, во првото тромесечје оваа година оствари приходи од 1,627 милијарди евра, што претставува зголемување од 3 отсто на годишно ниво. Гледано по најважните сектори, во областа на огласите, приходите скокнаа за 7,9 отсто на 419 милиони евра, додека во секторот на останатите услуги се намалија за 0,4 отсто, на 876 милиони евра, пренесе францускиот весник Капитал.

Париз – Се поголемото производство на нафта во Северна Америка, како резултат на енергетската револуција на шкрилци, предизвика на глобално ниво шок на резервите, што во овој момент ја преобликува енергетската индустрија, соопшти Меѓународната агенција за енергетика ИЕА. – Северна Америка покрена шок резерви кој го разнишаа цел свет – изјави извршната директорка на ИЕА Марија фан дер Ховен, претставувајќи ги петгодишните перспективи за нафтениот пазар. Бумот на нафтени и гасни шкрилци стана златна грозница на 21 век, донесувајќи со себе десетици милијарди долари приходи и стотици илјади нови работни места во места како што се Северна Дакота, во Големите низини во САД.

Париз – Најголемата европска авионска корпорација ЕАДС во чиј состав се наоѓа француската Ербас, речиси дупло го зголеми профитот во првото тромесечје оваа година, на 241 милион евра, што е пораст од 91 отсто на годишно ниво, благодарение на продажбата на комерцијални авиони. Приходите во првиот квартал се зголемени за 9 отсто, на 12,4 милијарди евра, додека оперативниот профит порасна за дури 79 отсто, на 596 милиони евра, благодарение на позитивните резултати на Ербас, а наспроти вонредните трошоци од 145 милиони евра, прецизираше ЕАДС во соопштение кое го пренесе францускиот весник 20 мин.

Варшава – Најголемата економија на централна Европа, Полска, 2013 година ја почна послабо од очекувањата, со раст од 0,1 отсто во првиот квартал, по нулта растот од претходните три месеци, покажаа официјалните податоци во Варшава. Аналитичарите наведуваат дека за слабите резултати најмногу придонесе остриот пад на активностите на градежниот сектор, додека на стопанството позитивно влијаеше секторот за трговија, па евентуално намалените каматни стапки можат дополнително да ја поттикнат потрошувачката. – Неочекувано слабиот економски раст веројатно ќе покрене аргументи дека потребно е дополнително намалување на каматните стапки. Очекуваме барем уште едно намалување оваа година – наведе аналитичар од лондонската фирма Капитал Икономикс Вилијам Џексон.

Њу Делхи – Индиската инфлација минатиот месец успори на најниско ниво во тек на 40 месеци, покажаа официјалните податоци во Њу Делхи, што на Индиската централна банка дава повеќе простор за намалување на каматните стапки во време на најтешко економско успорување во последните десет години. Индексот на велепродажните цени, кој е мерка на инфлацијата падна во април на 4,89 во однос на 5,96 отсто од претходниот месец.

Пекинг – Најголемиот германски производител на автомобили Фолксваген ќе изгради фабрика во централна Кина, продолжувајќи ја така борбата со американскиот ривал Генерал моторс за доминација на најголемиот светски пазар на автомобили. Фабриката на Фолксваген во кинескиот град Чангша ќе почне со работа во почетокот на 2016 година, со годишен капацитет на производство од 300.000 возила, изјави портпаролот на Фолксваген во Кина, за Франс прес. – Многу сме блиску до официјално соопштение кое според мене треба да се појави оваа недела – додаде портпаролот.

Њујорк – Актуелните монетарни резерви на азиските земји, според оценката на Светска банка изнесуваат околу 4.300 милијарди долари, што е товар за Кина и Јужна Кореја и уште некои земји со забрзан економски развој, поради вештачкото надувување на вредноста на националната валута која го загрозува извозот. Како што пренесува АФП, Централната банка на Јужна Кореја мораше да ги намали каматните стапки како што претходно направија неколку земји со растечки економии, во обид да го намалат претераниот раст на вредноста на националната валута, за да се спречи падот на извозот. Монетарните власти на Индија, Австралија, Нов Зеланд, Тајланд и Филипни беа принудени да ја спроведат истата мерка токму од истата причина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП