20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗначително намалени средствата за инсулин, мерачите на шеќер и ленти за дијабетичарите

Значително намалени средствата за инсулин, мерачите на шеќер и ленти за дијабетичарите

Министерството за здравство значително ги намали средствата за инсулин, мерачите на шеќер и ленти, што значајно го загрозуваат здравјето на пациентите кои имаат дијабетес.

Иако голем дел од здруженијата реагираат на континуираното намалување на средствата за овие пациенти, се чини, дека тоа,сепак, не постигнува резултат.

„Ние официјално реагиравме до министерството со прашање по кои критериуми и параметри го намалиле буџетот и со кого се консултирале, но одговор нема. На годишно ниво зголемувањето на бројот на пациенти со дијабетес е 10 отсто,а буџетот наместо да расте се намалува.Потребно е да има нови типови инсулин и посовремена опрема за пациентите“,рекоа од Здружението за заштита и едукација на дијабетичари Був.

До пред неколку години за дијабетичарите се издвојувале над 700 милиони денари, а со последното намалување, средствата се сведени на 558 милиони денари.

Реакции има и од Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс Мк“, од каде изјавија дека Министерството за здравство се однесува како Министерство за економија и не се грижи за пациентите од дијабетес,како и за здравјето на останатите граѓани во земјава.

Тие додаваат дека како здружение посочиле на потребните современи апарати и инсулински пумпи,како и за новите типови на инсулин,со кои би се олеснил животот на овие пациенти. Истакнуваат дека средствата до пред неколку години изнесувале над 700 милиони денари,а со последното намалување се 558 милиони денари.

Загрижувачкиот факт е дека во аптеките освен што нема доволно инсулин и инсулинот што го има заедно со иглите не е квалитетен и може да предизвика дополнително влошување на здравствената состојба на пациентите.

„Mинистерството за здравство во континуитет ги следи импликациите на постигнатите цени на јавната набавка за инсулин и роковите за доспевање на фактурите и врз основа на тоа врши соодветно репрограмирање на средства во рамки на Програмата за инсулин. Тоа е нормална процедура во финансиското работење на Министерството за здравство. Тоа значи дека до крај на годината има доволно средства за да се покријат потребите на сите пациенти на инсулинска терапија“, соопштија од министерството за здравство.

„Во земјава има 40.000 пациенти со дијабетес на инсулинска терапија. Обезбедена е инсулинска терапија за сите постојни и новодијагностицирани пациенти, а во предвид е земено и зголемувањето на инсулинските дози што неминовно се случува кај најголемиот број пациенти на инсулинска терапија. Пациентите за кои е потребна инсулинска терапија се поставуваат веднаш, односно нема никакво чекање“, додаваат од министерството.

Проблемите со кои се соочуваат пациентите со дијабетес постојат години наназад и неопходно е нивно решавање. Дијабетесот влијае и на многу други заболувања како што се намалување на видот, кардиоваскуларни заболувања, покачен крвен притисок.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП