1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе расте минималната плата? Синдикалците притискаат, бизнисмените негодуваат

Ќе расте минималната плата? Синдикалците притискаат, бизнисмените негодуваат

Синдикатите крчкаат зголемување на минималната плата. Од друга страна бизнисмените бараат време за дополнителни анализи, а експертите советуваат на внимателност. Растот на минималецот беше и еден од главните адути на политичките партии во предизборието.

ССМ: минималната плата да порасне за 20%

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) веќе почна да притиска за раст на минималецот. Нивните барања се корекцијата да биде за најмалку 20%. Веќе започнале преговори Организацијата на работодавачи и Министерството за труд и социјална политика. Социјалниот совет начелно го има прифатено Предлог – протоколот за социјален напредок.

„Платите се еден до најзначајните сегменти со оглед на фактот што нашите анализи покажаа дека скоро 60 проценти од вработените примаат до 20.000 денари, само 3,2 проценти примаат плата над 30.000 денари, додека над 40 проценти се со плата од 12.000 до 15.000 денари. Основната определба е да го отвориме процесот на зголемување на платите во Македонија“, изјави претседателот на ССМ Живко Митрески.

Со предлог – протоколот се предвидува и отворање на дебата и анализи за проширување на правилникот за бенифициран стаж особено за работниците во градежништвото, текстилната индустрија, сообраќајот, железниците, шумарството.

КСС: се уште има злоупотреби со минималецот

И во Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) прават анализи за раст на минималната плата, но и за изнаоѓање друг начин на моделирање кој би бил поблизу до европските практики. Велат дека од измените кои се во изработка корист ќе имаат и работниците и работодавачите.

„Пред да се донесе минималната плата 65.000 работници во Македонија земаа по 50 – 60 евра плата. Мислам дека е голем успех зашто нивните примања во овој момент се дупло покачени. Не мислиме дека е доволно, но е голем успех и појдовна точка за натамошни разговориме и покачување“ вели Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Сепак, и шест години по воведувањето на минималната плата се уште има злоупотреби, велат во КСС. Објаснуваат дека дел од газдите и натаму ги тераат работниците да враќаат одредена сума во кеш, на рака или пак иако работат со полно ги пријавуваат со скратено работно време.

„Треба да ги охрабриме и работниците на кои им се случуваат такви работи да можат да ги пријават во релевантните органи и секако во синдикатите. Ние имаме механизам за заштита на располагање, ќе бидат заштитени“ објаснува Ралповски.

Бизнисмените и експертите бараат дополнителни анализи

Компаниите порачуваат дека прашањето за повисока минимална плата може да се реши само преку квалитетен социјален дијалог, а не на сила. Се бара решение кое ќе доведе до повисоки плати, но нема и да предизвика отпуштање работници поради зголемени трошоци на фирмите.

„Сметам дека без консензус на сите заинтересирани страни не може да се донесе самостојна одлука за зголемување на минималната плата” вели претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.

Минималната плата во Македонија изнесува 10.080 денари. Просечната плата, пак, според податоците на Државниот завод за статистика изнесува 22.750 денари. Овие податоци се за првиот месец од годинава, а ако се направи споредба со истиот период од претходната година, просечната нето – плата се зголемила за 2,2%. Статистиката покажува дека најголем пораст на платите во изминатиов период имало во трудоинтензивните дејности.

„Причина за ова е немањето нов кадар за овие дејности. Платите ќе одат нагоре, бидејќи сè помалку има млади кои сакаат да работат во трудоинтензивните дејности. Тоа ќе биде важно и за спречување на одливот на кадар во странство” вели Димитров.

Минималната плата е навистина минимална и мора да расте, велат економистите, но и додаваат дека се потребни сериозни и сеопфатни анализи пред да се преземе тој чекор.

„Разни сектори во индустријата како и стопанството во целина, не се еднакво профитабилни и затоа просечната минимална плата различно влијае на секој стопански субјект. Одредени анализи би покажале дека токму поради нееднаквоста во стопанството можеби е поприфатлива варијантата за минимална плата на ниво на одделни сектори, што секако би било потешко да се утврди како таква. Сепак, мое мислење е дека минималната плата е многу ниска и треба да се зголеми“ смета универзитетската професорка Марија Зарезанкова – Потевска.

„Различни фирми имаат различна финансиска состојба, капацитет, ликвидност и солвентност. Тоа значи дека некои фирми би можеле да го издржат тој товар, но повеќето од нив тешко би поднеле нови трошоци бидејќи моментално повеќето компании кај нас немаат таква моќ. Зголемување на минималната плата е сериозна работа, затоа што таа може да има огромни импликации врз стапката на невработеност во правец на нејзино зголемување“ изјави неодамна универзитетскиот професор Томе Неновски.

Минималната плата беше дел од изборната кампања

Минималната плата беше дел и од предизборната кампања. Социјалдемократскиот сојуз предвиде етапно зголемување на минималната палта во својата предизборна програма – 12.000 во 2017-та и 16.000 во 2020-та.

Ова би требало да важи за сите сектори, вклучително и производство на текстил, на облека и на кожа.

„Нема да има отпуштања од работа бидејќи државата ќе им помогне на стопанствениците. Нашата цел е да обезбедиме минимална плата од 16.000 денари до 2020 година. Тоа ќе значи дека семејство со двајца работници, ќе може безгрижно да ги покрие неопходните трошоци за живот“ стои во предизборната програма на СДСМ.

Предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ предвидуваше етапно зголемување на минималната плата во следните четири години – 12.000 во 2017-та, 12.500 во 2018-та, 13.200 во 2019-та и 14.000 во 2020-та.

Во дејностите производство на текстил, на облека и на кожа е предвидена друга динамика – 10.500 во 2017-та, 11.500 во 2018-та, 12.500 во 2019-та и 13.500 во 2020-та.

„Имајќи ги предвид позитивните резултати од воведувањето на минималната плата, истата ќе се зголемува и во следниот период“ стои во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Минималецот беше воведен пред шест години

Минималната плата во Македонија за прв пат беше законски воведена пред пет години. Од октомври 2011-та загарантираниот месечен личен доход беше утврден на 8.050 денари во нето износ односно 12.265 денари во бруто.

За текстилната и кожарската индустрија имаше дополнителен период на прилагодување.

Законски минималецот се коригира секоја година – во 2013 изнесуваше 8.050 денари, во 2014 година 8.800 денари, во 2015 9.590 денари, а во 2016 година 10.080 денари.

Евростат: најголем минималец во Луксембург, најмал во Албанија

Според податоците на Евростат за 2015-та најмала минимална плата од сите земји – членки и кандидатки имале Албанија (157 евра), Бугарија (184 евра), Македонија (213 евра), Романија (217 евра) и Србија (235 евра).

Од друга страна највисоки гарантирани примања имале работниците во Луксембург (1.923 евра), Белгија и Холандија (1.501 евра), Ирска (1.462 евра).

Истата, 2015-та година, минималната плата на ниво на Соединетите американски држави била 1.035 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП