25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА95 проценти од населението во Македонија има пристап до безбедна вода

95 проценти од населението во Македонија има пристап до безбедна вода

voda-cheshma-640x360

Институтот за јавно здравје на Република Македонија по повод Светскиот ден на водата 22 март, постави анкета за влијанието на безбедната вода за пиење врз здравјето на официјалната интернет страница (http://iph.mk/anketa).

Целта е да се вклучат што поголем број граѓани за да се добијат податоци за тоа колку јавноста е информирана за тоа која вода е безбедна за пиење, и дали прават разлика меѓу безбедна вода и квалитет на водата за пиење.

Особено е важно да се добијат податоци од каде јавноста најчесто се информира за тоа, и какво влијание има безбедната вода врз здравјето на населението, односно кои заболувања можат да бидат последица од небезбедна вода за пиење.

Заболувањата со потекло од небезбедна вода се причина за смрт на повеќе од 1,5 милиони деца во светот, годишно.

Податоците добиени преку анкетата ќе овозможат информациите од интерес за превенција на здравјето на населението да стасаат токму до целните групи за кои се наменети.

Безбедната и здравствено исправна вода за пиење во доволни количини обезбедена до потрошувачите ги подобрува условите за живот, ја подигнува здравствената култура на повисоко ниво и ја унапредува животната средина во целост.

Во 2011 година, на Светскиот ден на водата ИЈЗРМ анкетираше околу 200 граѓани, при што доби сознанија дека 52 проценти од испитаниците пијат повеќе од литро водна на ден, во најголем процент пијат вода од чешма, 34 проценти пијат комбинирано од чешма и пакувана, а 27 проценти пијат само пакувана вода. Речиси половина од испитаниците не внимаваат колку вода трошат во текот на денот. ИЈЗРМ подготвува годишни извештаи за квалитетот на водата за пиење во Република Македонија. Начинот и постапката за тоа се регулирани со Правилникот за безбедност на вода.

Во Македонија 95 проценти од населението има пристап до безбедна вода за пиење. Институтот за јавно здравје во координација со 10-те Центри за јавно здравје се грижи за безбедноста на водата во Македонија. ИЈЗРМ има цел преку прашалникот во таа насока да ја вклучи и јавноста.

Во светот, најмногу во земјите во развој, секоја година умираат 2,2 милиони луѓе од болести поврзани со вода.. Причина за тоа е небезбедно снабдување со вода за пиење, несоодветна санација и хигиена.

Институтот за јавно здравје на РМ веќе десет години на 22 март го одбележува Светскиот ден на водата со разни активности на разни локации во Скопје со цел, како превентивна институција да влијае врз подигање на свеста кај населението за значењето на безбедната вода за здравјето, и особено за зачувување на водените ресурси како непроценливо богатсво.

Водата е неопходна за живот. Улогата на водата е добро позната на сите, без неа луѓето можат да опстанат неколку дена. Сочинува 75% од телесната тежина на доенчињата до 55% кај постарите лица, неопходна за клеточната хомеостаза и животот. Водата сочинува 92% од крвта, 75% од мозокот и мускулите, 22% од коските. Најдобар е растворувач, ги пренесува хранливите материи до клетките, а ги изнесува штетните материи. Важна е за електролитната рамнотежа, регулација на телесната температура, помага преку бубрезите да се елиминираат токсичните материи, важна за работата на системот за варење, нервниот систем, правилна функција на зглобовите и коскениот систем.

Дневните потреби за вода се околу 2-2,5 литри. Како течности се внесува околу 1-1,2 литри, преку храната околу 1,1литри и од оксидационите процеси на метаболизмот околу 0,2-0,3 литри. Се излачува преку бубрезите (урината) околу 1,2-1,5 l дневно, преку кожата околу 0,5 l, преку белите дробови 0,5 l и со фецесот 0,1 l. Се разбира дека дневните потреби за вода зависат од физичката активност, тежината на работата, микроклиматските услови, одредени индивидуални карактеристики (возраст, пол, одредени физиолошки или патолошки состојби и др.)

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП