17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајголемите подеми и падови на светските берзи во 2016-та

Најголемите подеми и падови на светските берзи во 2016-та

bik-mecka33

Американските индекси скокнаа на рекордни нивоа во оваа година, а индустрискиот индекс „Dow Jones“ се претстави многу добро во 2016-та година, така што се зголеми за 14%, доближувајќи се до ниво од 20.000 поени.

Но не само „Wall Street“ забележа „слатки“ добивки на берзата, пишува „CNN“ во свој преглед за глобалните пазари на капитал.

Русија – раст од 50%

Рускиот „RTS index“ се зголеми за 50% од почетокот на годината, а другиот главен индекс на земјата – „Micex“ – забележа раст од 26%.

Глобалните инвеститори побрзаа во Русија по изборите во САД, бидејќи очекуваа новоизбраниот претседател Доналд Трамп да помогне за одмрзнување на студените односи меѓу двете нации.

Русија исто така е силно зависна од приходите од нафтата и го искористи неодамнешниот скок во цените.

„Скокот на цената на нафтата ја поддржи руската економија и ја спаси од катастрофа“, коментира Наим Аслам, главен аналитичар во „Think Markets“ во Лондон.

Аргентина – раст од 45%

Аргентинскиот „Merval index“ се зголеми за 45% во оваа година и достигна рекордно ниво во октомври во позадина на политичките промени во земјата и катастрофата од 18% за локалната валута.

Изборот на претседателот Маурисио Макри на крајот на 2015-та година беше пресвртна точка за Аргентина. Инвеститорите се надеваат дека тој ќе ја заживее стагнираната економија на земјата, откако претходната влада ја остави земјата во тешка финансиска состојба.

Неговата влада ја крена валутната контрола, ја заврши 15-годишна битка со американските хеџ фондови и ја врати Аргентина назад кон меѓународните пазари на обврзници за прв пат од 2001-ва година.

Бразил – раст од 39%

Во јануари бразилскиот „Bovespa index“ падна до дното како во периодот од светската финансиска криза во 2008-ма година. Но потоа ставовите на инвеститорите се свртеа и на пазарот се појави „врева“.

Главните стоки за извоз на Бразил – железната руда, нафтата и сојата, исто запишаа големи зголемувања на цените во текот на годината.

Канада – раст од 18%

Како и многу глобални берзи, индексот „TSX Composite“ во Торонто се помести од дното во јануари и го искористи растот по изборот на Трамп за претседател на САД.

Канадскиот стратег за капитал, Метју Бараш изјави во ноември дека предложените од Трамп политики ќе бидат позитивни за Канада и канадските акции барем за некое време. Тој предвидува дека политиките на милијардерот за поддршка на нафтата ќе дадат силен поттик на извозниците во секторот.

Норвешка – раст од 18%

„All-Share index“ на Осло продолжува стабилното со искачување од почетокот на финансиската криза во 2008-ма година, иако почувствува сериозен притисок во почетокот на 2016-та година од падот на цените на нафтата. Економијата на Норвешка и на капитал и на пазар се силно зависни од црното злато, па фактот дека цените се зголемија повеќе од двојно во споредба со дното во февруари им помогна на акциите во енергетскиот сектор.

Поконкретно, најголемата компанија на Норвешка – „Statoil“ (STO) забележа раст во цената на акциите со 29% во оваа година. Во исто време акциите на помалата „Aker BP“ поскапеа за околу 185%.

Индонезија – раст од 15%

На берзата во Индонезија беа забележани многу растови и падови во 2016-та година, но на крајот се затвори со пораст од 15%.

Најголемите јавно тргувани компании во Индонезија ја покачија цената на акциите во оваа година, а и повеќето од нив запишаа двоцифрен раст.

Зголемената економија на земјата се напојува претежно од потрошувачката, што значи дека е релативно изолирана од понатамошно забавување на светската трговија.

Меѓународниот монетарен фонд прогнозира економски раст од 5,3% во следната година, дури побрз од овој во 2016-та година.

Велика Британија – раст од 14%

Лондонскиот репер „FTSE 100“ достигна историски врв во оваа година, откако Британија избра да ја напушти Европската унија.

„Гласањето за „Brexit“ ја испрати валута на 31-годишен минимум во однос на доларот, што даде поттик на берзата“, коментира Наим Аслам.

Одот на Англиската централна банка за поддршка на економијата, комбиниран со подобрите од очекуваните економски податоци, исто така и помогнаа на берзата. Според Аслам комбинацијата од овие два елементи се задржале вниманието на инвеститорите, што го предизвика растот.

Големите губитници

Додека повеќето глобалните берзи се зголемија, некои ја завршуваат годината со големи загуби – Италија и Кина се најголемите губитници.

Главниот индекс на Италија „FTSE MIB“ забележа пад од 11% од вредноста, кој е предизвикан од загриженоста на инвеститорите за банкарскиот сектор. Акциите на сите големи банки паднаа нагло, а „Monte Dei Paschi“ беше принудена да побара помош, откако акциите поевтинија со 88%.

Кинеските берзи исто ја завршија годината со двоцифрена загуба поради големите падови во почетокот на годината, кога главните индекси изгубија помеѓу 25% и 30% од вредноста во рок од неколку недели.

Индексот „Shanghai Composite“ ја испраќа годината со загуба од 12%, додека „Shenzhen Composite“ ја завршува 2016-та година со пад од 15%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП