10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТекстилна индустрија – стара технологија без нови брендови

Текстилна индустрија – стара технологија без нови брендови

tekstil

Македонската текстилна индустрија ангажира над 40.000 работници, учествува со 15% од извозот, но никако да тргне напред – се уште ја користи речиси истата технологија од пред 20 години, старите брендови исчезнаа, а не се појавија нови. Проблем е и недостатокот на квалификувана работна сила, како и нелојалната конкуренција која ја чувствуваат домашните компании поради субвенционираните странски инвеститори.

Како до сопствен бренд?

Како до сопствен бренд? Ова е главното прашање за кое македонските текстилци никако не можат да најдат одговор. Експертите објаснуваат – создавањето препознатлива марка е напорна и тешка, но не е невозможна мисија.

„Домашните компании треба малку повеќе да се насочат кон стратегиите на брендирање за да можат да го фатат чекорот ако не со меѓународните барем со регионалните, балканските компании. Потребно е многу малку за да бидеме поконкурентни на пазарот“ вели проф. д-р Ленче Петревска, „Славјански универзитет“

Треба да се исполнат многу услови – да се работи на самите производи, да се влијае на навиките на купувачите, да се направи маркетинг стратегија.

„Мислам дека треба повеќе да се насочат на промовирање, на запознавање на потрошувачите со нивните производи, да отворат продавници во повеќе градови низ Македонија, а подоцна и во регионот“  објаснува Петревска.

Домашните компании се мали и разединети и немаат капацитет за сево ова, барем засега. Сепак, менаџерите се оптимисти.

„Во иднина секторот дополнително ќе се развива, мора да се работи на зголемување на сопственото производство преку сопствени брендови за што е потребна и поддршка, не само финансиска. Сето тоа во моментов е во зачеток, но јас верувам во иднината на оваа гранка“, вели сопственик на конфекција од Штип.

Најголем проблем – недостатокот на квалификувана работна сила

При стапка на невработеност од 24% текстилните фабрики не можат да најдат квалификуван кадар, а го губат и оној што веќе го оформиле. Речиси никој не сака да седне зад машините за шиење за платите што се нудат иако тие бележат зголемвуање.

„Имаме голема флуктуација на платите. Ако ги видиме статистичките податоци веќе текстилот не е онаа гранка која имаше 8.000, 9.000 денари плата. Просечната нето плата за јули 2016-та во гранката текстилна индустрија е 15.320 денари“ вели Ангел Димитров, претседател на Здружение за текстилна индустрија.

Најголем проблем за домашните компании е конкуренцијата од странските инвеститори. Бизнисмените велат дека во слободните зони има многу поволности и олеснување, па таму се нудат и малку повисоки плати – работниците им бегале за разлика од 1.000 до 2.000 денари.

Во домашните текстилни компании велат дека субвенциите што постојат за нив се помали, а критериумите што треба да се исполнат построги.

Текстилната индустрија ангажира 43.000 луѓе

И покрај сите предизвици текстилната индустрија во Македонија игра голема улога во формирањето на Бруто домашниот производ (БДП), во апсорбирањето на работната сила, како и во делот на извозот.

Над 15% од македонскиот извоз го сочинуваат текстилните производи, во најголем дел како лон односно како работа за странски партнери под нивни брендови и со нивни репроматеријали. Лани на странските пазари биле пласирани текстилни производи вредни 596 милиони долари од нив речиси 95% како лон производство.

Текстилната индустрија ангажира околу 38.000 луѓе, кожарската околу 5.000. Оттука речиси 7.5% од сите вработени се дел од овие гранки.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП