1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто сите сакаат во Скопје? Платите се повисоки за стотина евра!

Зошто сите сакаат во Скопје? Платите се повисоки за стотина евра!

skopje

Скопјани имаат највисоки плати и најдобар стандард, но и најголема продуктивност – македонската економија е сконцентрирана во главниот град, речиси половина од вкупните активности се одвиваат во Скопскиот регион. Рамномерниот регионален развој засега останува само во стратегиите кои слабо се реализираат.

42.6% од сите економски активности се во Скопје

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) учеството на Бруто домашниот производ (БДП) по региони во 2014-та (последни објавени податоци) е Скопски 42.6% (3.475.040.650 евра), Пелагониски 11.3% (919.186.991 евра), Југоисточен 9.2% (751.398.373 евра), Вардарски 8.2% (670.894.308 евра), Источен 8.1% (657.707.317 евра), Југозападен 7.8% (640.292.682 евра), Полошки 7.5% (613.577.235 евра), Североисточен 5.3% (432.731.707 евра) или вкупно 100% (8.160.829.263 евра).

Бидејќи Скопскиот регион има најмногу жители логично е да има и најголемо учество во вкупното стопанство, но и анализата на БДП по глава на жител (просечното производство по човек) покажува дека луѓето во главниот град создаваат и најголема додадена вредност.

Според ДЗС, БДП по глава на жител по региони е: Скопски 5.673 евра, Пелагониски 3.955 евра, Југоисточен 4.333 евра, Вардарски 4.371 евра, Источен 3.689 евра, Југозападен 2.906 евра, Полошки 1.929 евра, Североисточен 2.462 евра или вкупно 3.953 евра по глава на жител.

Податоците покажуваат дека скопскиот регион е три пати поразвиен од полошкиот. Во главниот град економската активност по жител е 43.5% над, а во Тетово и Гостивар 51.2% под државниот просек. Покрај Скопскиот само Вардарскиот и Југоисточниот регион со 10.6% односно 9.6% се над просекот, а Пелагонискиот е точно на исто ниво со просекот во државата.

Најголем дел од македонскиот извоз (54.4%) е резултат на активноста на фирмите во Скопје, а најмал (само 0.9%) излегува од Североисточниот регион.

Платите највисоки за скопјани, најниски за штипјани и кочанчани

Продуктивноста и економската развиеност се рефлектираат и на платите. Највисоки примања имаат работниците од Скопскиот регион, просечно во 2015-та изнесувале 26.861 денари месечно. Сите останати се под државниот просек кој бил 21.906 денари.

Најниски примања има Источниот регион, платите се по 16.278 денари. Нешто подобро стојат Североисточниот и Југоисточниот, со примања од по 16.848 односно 16.946 денари. Во Вардарскиот регион просечната нето плата изнесува 17.402 денари, во Југозападниот 19.670, а во Пелагонискиот и Полошкиот 20.222 односно 20.620 денари.

Најмногу невработени во Североисточниот и Југозападниот регион

Најголем проблем со невработеноста има во Североисточниот регион. Таму во 2015-та стапката изнесувала 43.2%. Следуваат Југозападниот регион со 33.9%, Полошкиот со 29.6%, Скопскиот со 25.7%, Вардарскиот со 24.5%. Под државниот просек кој изнесувал 26.1% се единствено Источниот регион со стапка на невработеност од 17.5% и Југоисточниот со 16.7%.

Скопскиот регион предничи и по бројот на активни компании – на крајот од минатата година имало 26.197. Следуваат Пелагонискиот со 8.071, Полошкиот со 7.554, Југозападниот со 7.127, Југоисточниот со 5.889, Источниот со 5.692, Вардарскиот со 5.470 и Североисточниот со 4.139. На ниво на целата земја има 70.139 деловни субјекти.

Експерти: рамномерниот развој да биде приоритет

Овие бројки се само потврда дека мора повеќе да се работи на рамномерниот економски развој, коментираат дел од економските аналитичари. Според нив тоа треба да го направи државата преку подобрување на инфраструктурата, но и преку директни стимулации за инвестирање во посиромашните подрачја.

„На тој начин ќе се постигнат повеќе ефекти – рамномерен регионален развој и ќе се спречи миграцијата на населението кон урбаните центри пред се кон Скопје каде повеќето претендираат да најдат работно место“, изјави неодамна универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Македонија има стратегија која засега нема резултати

Македонија има стратегија односно програма и посебен орган кој ја спроведува – Бирото за рамномерен регионален развој кое финансира проекти во посиромашните општини. Според официјалната интернет страница, целите на институцијата се рамномерен и одржлив развој на целата територија на Македонија, намалување на разликите меѓу планските региони и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани. Колку е успешно нивното достигнување покажуваат статистичките податоци.

Владата секоја година одвојува средства за оваа намена. На последниот повик беа доделени само 2.2 милиони евра за 107 проекти – изградба на локални патчиња, осветлување и уредување на руралните области, фекална канализација, водоводи, реконструкција на објекти, како и за изработка на техничка документација за поголеми инфраструктурни проекти.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП