19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААнкета: Младите сакаат да заминат најмногу заради невработеноста и општествено-политичката ситуација

Анкета: Младите сакаат да заминат најмногу заради невработеноста и општествено-политичката ситуација

Skopje-Macedonia_square27

Младите луѓе воопшто не се задоволни од условите што им ги нудат општините во кои живеат. Дури 63,4 отсто од вкупниот број испитаници не се задоволни од вработувањето, здравството, образованието, инфраструктурата, животната средина и др. Најнезадоволни се младите од Пелагонискиот регион – 51,7 отсто и оние од Североисточниот регион – 40,4 проценти.

Ова го покажуваат резултатите од анкетата што ја спроведе НВО Инфоцентарот во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Осми Септември и Центарот за развој на медиуми, во периодот ноември 2015 – јануари 2016 година, меѓу младите луѓе во сите осум плански региони во Република Македонија (Скопски, Вардарски, Источен, Североисточен, Пелагониски, Полошки, Југозападен и Југоисточен).

Оваа анкета има за цел да ги истражи мислењата и ставовите на младите луѓе за две теми: планирање на семејството и миграциите. Со анкетата се опфатени вкупно 503 испитаници на возраст од 20 до 35 години, во сите плански региони.

Сликата за незадоволството на младите луѓе станува уште подраматична со прашањето за тоа какви се условите за вработување во општината во која живеат. Дури 83,3 отсто од испитаниците оценуваат дека условите за вработување се лоши. Младите од Североисточниот регион се најнезадоволни – 94,8 проценти, а потоа следат оние од Пелагонискиот (91,8 отсто) и од Вардарскиот регион (91,2 проценти). Исто така, голем е бројот на младите луѓе кои сметаат дека работните услови за вработените во нивните општини се лоши – дури 77 отсто. Најнезадоволни се младите од Североисточниот (89,7 проценти ), од Вардарскиот (88,5 отсто) и од Пелагонискиот регион (81,4 отсто).

На прашањето дали би се иселиле надвор од Македонија, исклучително високи 83,7 отсто од испитаниците се изјасниле позитивно. Две третини од нив – 52,4 отсто би се иселиле во некоја од заподноевропските држави, речиси 12 проценти во САД и Канада, а во некоја од скандинавските држави би се иселиле 10,3 проценти од испитаниците. Погледнато според региони, 70 отсто од испитаниците во Североисточниот регион кои би се иселиле надвор од државата, би сакале да заминат во западна Европа. Мапата на најпосакуваните земја за иселување е најшаренолика кај младите од Пелагонискиот регион – за 17,7 проценти „ветената земја“ се САД и Канада, потоа следуваат Скандинавија (15,5 отсто) и Австралија и Нов Зеланд (12,7 отсто).

Работата (невработеноста, потрагата по подобро вработување) – 34 отсто, општествената ситуација (главно партиските вработувања, а потоа и вкупната политичката ситуација) – 33,5 отсто и економската стабилност односно финансиите – 17 проценти се главните причини заради кои младите би ја напуштиле државата, стои во анкетата.

Заради работата, најмногу би се иселиле младите од Полошкиот (48,8 отсто) и од Југоисточниот регион (48,1 отсто). За младите од Пелагонискиот (51,4 отсто) и од Источниот регион (50 проценти), најсериозна причина заради која би се иселиле е општествената ситуација односно партиските вработувања и целокупната политичка состојба во која се наоѓа државата. Економската стабилност (парите, повисоките примања и др.) е клучна причина за иселување за 35,3 проценти од младите во Вардарскиот и за 33,3 проценти од младите испитаници во Скопскиот регион.

Младите и планирањето на семејство

Најголемиот дел од младите луѓе (76,9 отсто) иако се на возраст кога може и треба да се осамостојат, сè уште живеат во заедница со своите родители (дури и оние кои веќе имаат основано сопствени семејства – 15,5 проценти).

Четиричленото семејство со две деца е најпосакуваната опција за повеќе од половината испитаници (52 проценти), а за нешто повеќе од една четвртина од испитаниците (26,5 отсто), идеалното семејство го сочинуваат три деца. Едно дете би сакале да имаат 10,1 проценти од младите испитаници. Иако посакуваат да имаат две, a некои и три деца, сепак, поголемиот дел од испитаниците кои основале свое семејство, или немаат деца или имаат само едно дете – 67,8 отсто немаат основано семејство, а од оние 29,3 отсто кои веќе основале семејство, 15,8 проценти имаат едно дете, а 11,4 отсто имаат две деца.

Во однос на регионалната распределба, најголемиот дел од испитаниците кои сакаат да имаат две деца се од Вардарскиот регион, а оние кои сакаат да имаат три деца најбројни се во Југоисточниот регион. Дури 60 отсто од испитаниците од Вардарскиот регион рекле дека сакаат да имаат две деца, а високи 41 процент од испитаниците во Југоисточниот регион истакнале дека сакаат да имаат три деца.

За најголемиот дел од младите луѓе клучни предуслови за основање семејство, како и причини зашто сè уште не основале семејство се вработувањето, финансиите и партнерот односно возраста. Високи 41,1 отсто од вкупниот број испитаници сметаат дека вработувањето е клучен предуслов за основање семејство, за 24,8 проценти тоа е финансиската стабилност, а за 22 проценти тоа е изборот на партнер.

За 66,7 отсто од испитаниците од Југоисточниот регион клучен предуслов е работата, додека за 61,4 проценти од испитаниците од Вардарскиот регион, клучен предуслов за основање семејство се финансиите.

НВО Инфоцентарот и партнерските организации оваа анкета ја реализираа во рамките на проектот „Демографијата – квалитет на живеење“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП