13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустрија - повеќе работници и производство, а помалку компании и енергија?!

Индустрија – повеќе работници и производство, а помалку компании и енергија?!

 

industrija

Секторот индустрија продолжува да испорачува позитивни резултати – раст на производството од 5.3% и на бројот на вработени од 0.4% регистрира Државниот завод за статистика (ДЗС) во мај годинава во однос на истиот месец лани. Сепак, долгорочните податоци укажуваат и на негативен тренд – изминатите три години згаснале 242 индустриски капацитети. Дополнително, политичката криза го топи оптимизмот кај бизнисмените.

Раст на индустриското производство од 5.3% во мај

Индустриското производство во мај годинава било поголемо за 5.3% во однос на истиот месец лани, измерила Државната статистика. По сектори, најголем е растот во преработувачката индустрија или 11.7%, но има опаѓање кај рударството и вадењето камен од безмалку 20%, како и кај секторот снабдување со струја од 18.4%.

Ако се анализираат главните индустриски групи, најголем е растот кај капиталните производи, и тоа од дури 34.5%, кај трајните производи за широка потрошувачка е 4.4%, а кај нетрајните 8.2%.

Инаку, во петте месеци годинава производството е поголемо за 8% ако се споредува со првите пет месеци лани.

Од друга страна бројот на работници во индустријата во мај пораснал за 0.4% во однос на истиот месец лани.

Во секторот рударство и вадење камен и покрај намаленото производство, имало зголемен број на вработени и тоа за 2.3%.

Кај преработувачката индустрија има зголемување од 0.3%, а во секторот снабдување со електрична енергија има опаѓање од 0.2%.

Во првите пет месеци од годинава во споредба со истиот период лани вкупниот број на вработени во секторот индустрија се зголемил за 1.4.

Се топи оптимизмот кај бизнисмените

Оптимизмот полека се топи кај бизнисмените и покрај делумно охрабрувачките податоци на статистичарите. Велат, политичката криза, но и најновите случувања на глобалните пазари пред се поради Brexit удрија по стопанството, проекциите за економски раст од 3.5 до 4% се дефинитивно недостижни.

„Предвидувањата на почетокот од годинава беа дека раст на БДП ќе биде 3.5%, но поради домашните и надворешни фактори и предизвици кои влијаат на економијата, тешко дека ќе се остварат како нашите, така и прогнозите на Владата од 4%. До крајот на 2016 очекуваме раст од 2%“, изјави Митко Алексов, извршен директор на Сојуз на стопански комори.

Статистиката веќе ги потврди ваквите очекувања. Во првиот квартал измери раст на Бруто – домашниот производ (БДП) од точно 2%.

Во истиот период извозот пораснал за 14.7%, додека увозот бил поголем за 7.6%

Долгорочни трендови – за три години згаснале 242 индустриски капацитети

Од друга страна долгорочните трендови на секторот индустрија покажуваат контрадикторни тенденции – во периодот од почетокот на 2013-та до крајот на 2015-та се намалил бројот на активни компании, се скастрила потрошувачката на енергија, а се зголемил бројот на вработени и обемот на производство.

Според последната публикација на ДЗС во 2013-та во секторот имало вкупно 8.214 деловни субјекти, во 2014-та 8.006, а во 2015-та 7.972.

Кај рударството и вадењето камен има годишни флуктуации – од 164 компании пред три години, на 180 пред две, па на 173 пред една година.

Кај снабдувањето со електрична енергија и гас бројот на фирми има континуиран раст – 132 пред три години, 152 пред две, 160 пред една година.

Од друга страна преработувачката индустрија со се помал број на деловни субјекти – 7.918 пред три години, 7.675 пред две, 7.639 пред една година.

Најмногу компании загаснале во потсекторите: производство на облека (намалување на нивниот број за 109 за три години), производство на кожа (намалување на нивниот број за 44 за три години), печатарство (намалување на нивниот број за 37 за три години), производство на електрична опрема (намалување на нивниот број за 24 за три години).

Во истиот период во потсекторите производство на храна, на неметални производи и останата производствена индустрија има зголемување за по десетина деловни субјекти.

Анализите на статистичарите покажуваат и дека од година во година индустријата користи се помалку енергија. Во 2012-та вкупната финална потрошувачка била 580.214.000 toe, а во 2014-та 515.193.000 toe.

Потрошувачката на електрична енергија е речиси непроменета, на јаглен и на нафта постојано опаѓа, а на природен гас и на биомаса и благ пораст.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП