19 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАФилмска индустрија: публиката полека се враќа во кината

Филмска индустрија: публиката полека се враќа во кината

kino

Публиката се враќа во кино салите, расте бројот на посетители и на премиери; но состојбата е далеку од „златните времиња“ во седумдесеттите и осумдесеттите, пред појавата на видеотеките и пиратските DVD-а.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2015-та во споредба со 2014-та година бројот на посетители бил поголем за 27.7%, а бројот на филмски проекции за 0.4%.

Лани на репертоарите на кината во Македонија имало 973 наслови, од нив 829 странски, 87 домашни и 57 копродукциски.

Во истиот период биле продадени 529.616 кино билети, нешто над 500.000 за странски филмови, а останатите речиси 30.000 за домашни и копродукциски.

Повеќе од половина од посетителите на кината, 362.039, биле во Општина Карпош каде се наоѓа комплексот на Cineplexx со 9 кино сали и Кинотеката на Македонија. Во Општина Центар биле продадени 101.103 билети, таму се наоѓа градското кино Милениум и киното Фросина кое работи во рамки на Младинскиот културен центар.

Во другите скопски општини нема филмски проекции, а од останатите градови на прво место е Битола со над 55.000 посетители, а далеку зад неа се Куманово со 3.400, Охрид со 2.700 и Струга, Свети Николе и Струмица со по околу 1.000 посетители. Кината во Гевгелија и во Штип имале само 128 односно 171 посетител.

Анализата на ДЗС покажува дека во Македонија има само 14 кино комплекси со вкупно нешто над 7.000 седишта, од нив 4 се во Скопје (по два во Карпош и во Центар) а во другите градови само по еден. Бројот на вработени на државно ниво лани бил 125.

Иако публиката полека се враќа во кино салите состојбата е далеку од „златните времиња“ на македонските кина од седумдесеттите и осумдесеттите. Видеотеките, а подоцна и пиратските DVD-а и симнувањето филмови од интернет направија огромни штети.

Во последните десетина години згаснаа култните кина во главниот град. Повеќе не работат Култура, Манаки, Парадизо, Вардар 1 и 2, Напредок. Ги нема ниту локалните кина кои функционираа во општините. Остана уште градското кино Милениум во ГТЦ со капацитет од 500 седишта, а состојбата се подобри со отворањето на 9-те кино сали на Cineplexx во трговскиот центар Скопје Сити Мол со вкупно 1.400 седишта. Во Младинскиот културен центар има две кино сали, но немаат редовен репертоар, работат по потреба, најчесто организираат проекции за филмски фестивали и филмски ревии.

Состојбата со кино салите не е подобра ниту во другите градови. Освен Битола, Охрид и Кавадарци другите општини во внатрешноста немаат кино сали во кои има редовен репертоар. Филмови повремено се прикажуваат во 20-тина домови и центри за култура кои ги опреми Агенцијата за филм во соработка со министерството за култура со кинопроектори, проекциони платна и друго. Дел од нив се центрите за култура во Струмица, Неготино, Кочани, Кичево, Куманово, Крива Паланка, Делчево, Велес, Прилеп, Гостивар, Дебар, Тетово, Ресен, Радовиш, Пробиштип и Кратово.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП