Ниту си свој на свое, ниту баш гостин. Живееш под туѓ покрив, но плаќаш како да си под свој. Секоја година се тресеш дали ќе ти ја зголемат киријата, а секое лето не знаеш дали пак ќе се селиш. И на крајот, секоја слика што ќе ја закачиш на ѕид, е одлука со рок на траење.
Ова е реалноста на илјадници млади луѓе, парови и семејства во Скопје и во останатите градови, живот во стан под кирија што никогаш не станува дом.
„Во истиот стан сум веќе пет години, ама сè уште не чувствувам дека е мој. Не сакам да купувам мебел, не сакам да се врзувам, бидејќи утре може да ме избркаат, па што тогаш?“ – ни раскажа за Денар – Јована, самостојна дизајнерка која живее во Скопје.
Кириите постојано растат, а платите не. Банкарските услови за кредит стануваат сè построги. И додека генерациите од 80-тите веќе имаа свој стан на 30 години, денешните миленијалци и генерација Z сè почесто влегуваат во 40-тите со куфер во рака и нова адреса секој две години.
Животот под кирија создава специфична несигурност, не само финансиска, туку и емоционална. Се плашиш да вложиш во место што не е твое, се воздржуваш од реновирање, од инвестирање, дури и од едноставно чувствување дека си „дома“.
Сепак, многумина го избираат овој начин на живеење затоа што немаат друг избор, а некои затоа што одбиваат да се врзуваат со хипотека до 65-та година.
Но што и да е причината, фактот е еден – сè повеќе луѓе живеат во состојба на привременост што трае децении. И можеби токму затоа, најголемата желба денес не е нов iPhone, патување во Бали или електричен автомобил, туку чувство дека конечно си дома.
Б.С.