7 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку денови одмор ни требаат за навистина да се одмориме?

Колку денови одмор ни требаат за навистина да се одмориме?

Летото доаѓа, календарите се отвораат и сите си го поставуваме истото прашање – Колку дена одмор ми се доволни за да се „ресетирам“?

Одговорот не е ист за сите – но науката и психолозите се согласуваат во едно, а тоа е дека вистинскиот одмор започнува дури по петиот ден. До тогаш, нашето тело и ум сè уште се во „работен режим“.

Истражувањата покажуваат дека просечно му требаат на човекот пет до седум дена само за да се исклучи од секојдневниот стрес. Првите неколку дена ги трошиме на адаптација, сè уште проверуваме мејлови, мислиме на обврски, се будиме рано по навика. Дури потоа започнува вистинската релаксација.

„Првите три дена секогаш сум нервозен, како да ми е непријатно што не работам. Се будам во 7 наутро, проверувам мејлови, а сум на море. Дури на четвртиот ден почнувам да се опуштам. Затоа луѓето не признаваат одмор пократок од 10 дена,“ ни вели Дарко Стојановски (38), ИТ-инженер од Скопје, кој секоја година летува со семејството во Грција.

Идеалниот одмор, според психолозите, трае 10-14 дена. Во првата недела телото се смирува. Во втората умот се ослободува. Тоа е моментот кога се враќа креативноста, расположението се подобрува, а стресот навистина опаѓа.

Но колкумина денес можат да си дозволат таков одмор?

Во Македонија, и покрај тоа што многумина формално имаат 20 или 26 дена годишен одмор, ретко кој користи повеќе од една недела во континуитет. Се дели на ситно, по неколку дена за продолжени викенди, за празници, за „недајбоже ако нешто се случи“.

И така, одморот станува само пауза, а не вистинско закрепнување.

Денес, кога секој е постојано достапен, со лаптопот во ранец и телефонот на плажа, забораваме што значи вистински одмор, онаков без притисок, без очекувања, без обврски.

Забораваме дека одморот не е луксуз – туку реална потреба.

Телото и умот не се машини. И тие имаат свој рок на „исцрпување“, а ако не се грижиме за нив со време, ќе не потсетат. Со анксиозност, со пад на имунитет, со изгубена мотивација.

Затоа ова лето, наместо да прашуваме „колку денови можам да земам“, можеби треба да се прашаме: Колку денови ми требаат за да се одморам јас?

Б.С.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар