7 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСите некаде брзаме, а никој не стигнува

Сите некаде брзаме, а никој не стигнува

Сè е итно. Сè е „за веднаш“. Сите сакаат одговор сега, резултати денес, успех за три месеци. Живееме во време каде што чекањето стана непријател, а трпението архаичен поим од некое друго време.

Нема веќе „ќе дојде сè со време“.

Сега велиме: „Ако не тргне одма – не вреди.“ И од таму почнува немирот.

На семафор се нервираме ако не се смени зелено за 10 секунди. Во маркет се вознемируваме ако има двајца пред нас на каса. На Instagram сакаме лајкови за 5 минути, а на работа признание и зголемување на плата пред да научиме како се работи.

Сакаме нова работа, ама и плата како за 10 години искуство. Сакаме љубов без да се вложиме. Сакаме сè, брзо, лесно, веднаш. И тука доаѓа заморот.

Секој ден, главата ни е во иднината: што следно, што понатаму, што ако не успее. Живееме во „наскоро“, ама не сме присутни во „сега“. Затоа се чувствуваме изгубено – иако реално, не ни недостига ништо конкретно.

Ни недостига внатрешен мир, ни недостига прифаќање дека не мора сè веднаш, ни недостига трпение.

Нашите баби саделе домати и чекале. Денес ние ставаме семка и очекуваме салата до крајот на неделата. Но природата не функционира така, ниту пак животот.

Вистинските работи, добри врски, длабоки пријателства, кариера, мир, не доаѓаат со express достава. Доаѓаат по ред, по болка, по упорност.

Можеби не треба да се прашуваме „Каде се брзаме?“, туку „Зошто се плашиме да застанеме?“

Б.С.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар