20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНема договор за замрзнување на производството на нафта

Нема договор за замрзнување на производството на нафта

nafta-nema

Претставниците на земјите големи производители на нафта дојдоа до заклучокот дека е потребно повеќе време за да одлучат да го замрзнат производството, изјави на прес-конференцијата по состанокот министерот за енергетика на Катар, Мухамед бен Салех ал-Сада, пренесуваат агенциите.

„Учесниците заклучија дека на сите ни е потребно време за дополнителни консултации од денеска до средбата на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC)“, во јуни, изјавил катарскиот министер за енергетика.

Според него, учесниците на средбата во Доха дискутирале за различни механизми за замрзнување на производството, но сепак дошле до заклучокот дека е потребно да се реши тоа прашање, пренесува ТАСС.

„Ги разгледавме разните предлози, разните механизми и ги оценивме. Посветивме доволно време за секое сценарио. Потоа решивме дека е потребно повеќе време за да се разгледаат и другите можни сценарија или да се усогласат они коишто ги разгледувавме“, истакнал Мухамед бен Салех ал-Сада.

Притоа, според него, учесниците на состанокот биле согласни дека фундаменталните показатели на пазарите се подобруваат. „Во прв ред, учесниците на средбата признаа дека нафтениот пазар во моментов е поздрав, отколку што беше во февруари. Сметаме дека основите показатели се подобруваат“, изјавил ал-Сада.

Министерот за енергетика на Катар додал дека цените на нафтата се движат во вистина насока, но колку време ќе мине до конечната стабилизација на пазарите, сепак, е непознато.

Одговарајќи на прашањето, каков пад на цените може да се очекува во понеделникот како реакција на изостанувањето на договорот, министерот на Катар истакнал дека според мислењата на учесниците на состанокот основните фактори ќе имаат поголемо влијание врз цените отколку привремените. Покрај тоа, намалените инвестиции во секторот нафта и гас доведуваат до намалување на производството.

„Намалувањето на вложувањата во секторот нафта и гас треба да влијае врз падот на производството во светот“, рекол ал-Сада.

И министерот за нафта на Нигерија, Емануел Ибе Качикву, за Reuters потврдил дека во Доха не се дошло до договор, и оти се очекува следната средба во ист формат да се одржи во јуни, во австриската престолнина Виена.

„Иднината на OPEC е во поголема контрола и дисциплина, како и носењето одлуки по принципот на мнозинство гласови, а не едногласно“, рекол нигерискиот министер. Додал дека правилото на едногласност има предност, „никој не останува настрана од носењето одлуки … Но тоа самото посебе претставува проблем“.

Произведувачите на нафта, предводени од водечките извозници Саудиска Арабија и Русија, се сретнаа во неделата во престолнината на Катар за да разговараат за замрзнувањето на производството во близина на сегашните нивоа во рамките на настојувањата да се заузди прекумерната понуда, која во моментов ја надминува побарувачката за 1,5 милиони барели дневно. Трговците претходно се изјаснија дека не се наклонети да заземаат нови позиции во пресрет на состанокот.

Според рускиот министер за енергија, Александр Новак, отсуството на договорот за замрзнување на производството на нафта нема да предизвика поголеми проблеми за Русија. Тој додал дека, имајќи ја предвид позицијата на земјите од OPEC, Русија и натаму не гледа со оптимизам на можноста од постигнување договор и во иднина, пренесува агенцијата РИА.

Новак истакнал дека Москва на средбата во Доха се залагала за потпишување договор за замрзнување на производството на нафта со присутните земји, но и покажала разбирање за позициите на учесниците кои излегле со дополнителни барања. Истовремено тој изјавил дека заедничката идеја за замрзнувањето сите ја прифатиле.

Претставникот на Русија, во својство на набљудувач, во OPEC, Владимир Воронков од своја страна истакнал дека преговорите меѓу Москва и картелот за замрзнување на нивото на производството на нафта веројатно ќе продолжат. Прецизирал дека е неопходно време за да се разгледаат позициите на Саудиска Арабија и на Иран.

Состанокот на претставниците на земјите произведувачи на нафта, инаку, започна во неделата со шест ипол часови задоцнување. Според извори од делегациите, причина за одложувањето било неочекуваното барање на Саудиска Арабија на договорот да му се приклучат сите земји од OPEC, вклучително и Иран.

Меѓутоа, Техеран, кому на почетокот од годинава му беа симнати децениските меѓународни санкции, не испрати свој претставник во Доха, изјавувајќи дека има намера нивото на своето производство да го доведе до нивото од периодот до санкциите.

На состанокот во Доха присуствуваа претставници на 17 земји, меѓу нив и оние кои не се членки на OPEC, како Русија, Азербејџан, Мексико, Казахстан и Оман.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП