11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрошоци на живот: просечната плата не може да ја наполни синдикалната кошница

Трошоци на живот: просечната плата не може да ја наполни синдикалната кошница

kosnica

Државната статистика утврдила намалување на трошоците на живот за 0.4%, а Сојузот на синдикат (ССМ) пресметал дека потрошувачката кошница поскапела за 164 денари за една година. Просечната плата се зголемила за околу 2%. Како сето ова влијае на стандардот на граѓаните?

Храната поевтина за 1.3%, цигарите поскапи за 5.9%

Трошоците на живот се намалиле за 0.4% во март 2016-та во однос на март 2015-та. Според најновите податоци на Државната статистика во овој период поскапување имало во категориите: мебел и покуќнина за 4.8%, рекреација и култура за 4.1%, алкохол и цигари за 3.9%, облека и обувки за 1.8%, ресторани и хотели за 1.5%, комуникации за 1.4%, образование за 0.4%. Истовремено поевтинување има во категориите: транспорт за 6.3%, храна и пијалаци за 1.2%, домување и комунални услуги за 1% и здравје за 0.8%. Кога се ќе се собере статистичарите пресметале дека вкупните трошоци на живот се намалиле за 0.4%.

Збирно храната поевтинила за 1.3%. Сепак, цените на некои производи оделе нагоре, а на други надолу. Најмногу поскапело маслото, за 6.5%. Шеќерот, чоколадите и другите благи работи, за 6%. Кафето, чајот и какаото за 1.6%. Најмногу поевтиниле зеленчукот за 9.1%, овошјето за 3.8%, месото за 1.9% и соковите за 1.1%. Цените на млекото и млечните производи останале исти.

Пивото поевтинило за 1.1%, жестоките пијалаци за 0.1%, а виното поскапело за 1%. Цените на цигарите во просек пораснале за 5.9%.

На едно семејство му требаат 32.325 денари да го протурка месецот

Иако прави анализи на трошоците на живот, ДЗС веќе четири години не ја пресметува месечната потрошувачка кошничка.

„Престанавме да ја пресметуваме бидејќи погрешно се толкуваше. Нашата методологија не покажуваше колку едно домаќинство треба да троши туку колку растот на цените на храната и на пијалаците влијае на семејниот буџет“, изјавија неодамна од Државниот завод за статистика.

Единствено Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) прави вакви пресметки. Иако според ДЗС трошоците на живот се намалени, според ССМ потрошувачката кошница е зголемена. Разликата најверојатно се должи на различните категории на производи врз основа на кои се прави пресметката.

Нивната минимална синдикална кошница поскапела за 164 денари за една година. Според пресметката на просечно домаќинство во февруари 2016-та му биле потребни 32.325 денари за да го протурка месецот, а во февруари 2015-та 32.161 денар.

Најголем дел од овие пари, 13.428 денари или 41% одат за храна и пијалаци. За трошоци за домување биле потребни 10.464 денари или 32%, за хигиена 2.254 денари или 7%, за превоз 2.340 денари или 7%, за облека и обувки 2.086или 6.5%, за култура останувале 1.070 денари или 3.3%, а за здравство 683 денари или 2.2%.

Просечната плата покрива само 69% од синдикалната кошница

Според податоците на Државната статистика просечната нето плата во јануари годинава била 22.254 денари, таа покрива само 69% од синдикалната потрошувачка кошница.

Најдобро платени се маркетинг агентите, во просек по 45.051 денар месечно. Следуваат вработените во воздухопловниот транспорт со 43.851, хемичарите со 41.551, фармацевтите со 41.484, програмерите со 41.120.

Најслабо платени се работниците од кожарската индустрија со просечни месечни примања од 11.187 денари. Следува текстилната индустрија со 11.926, производството на кокс и рафинирањето нафтени производи со 12.364, преработка на дрво со 13.407, производство на мебел со 13.519 и рибарство со 13.587 денари.

Во јануари 2016-та во споредба со јануари 2015-та најмногу пораснале платите во секторот земјоделство, шумарство и рибарство , за 14.5%. Потоа во административни и помошни дејности за 9.7% и градежништво за 8.7%.

Во истиот период намалување на просечните приходи од 15.6% имало кај секторот стручни, научни и технички дејности, од 12.8% кај информации и комуникации и од 7.2% кај преработувачка индустрија.

Во јануари 1% од сите вработени не добиле плата

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата. Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

„Бројките говорат дека генералната политика на државата е да се штеди на најсиромашните, наместо да им се даде поддршка. Постојните и новите приматели на социјална поддршка се под удар на засилените контроли и ограничувањата“, изјави неодамна Билјана Дуковска од МППС.

Разликите меѓу помалку и повеќе платените треба да се пеглаат со минималната плата. Таа на 1 јануари порасна за 490 денари со што достигна 10.080 денари. Текстилната и кожарската индустрија, кои се и најмалку платени сектори, ќе мораат да исплаќаат барем по 9.000 денари. За нив усогласувањето е одложено.

Како изгледа просечната трпеза на Македонецот?

Сето ова влијае и на трпезата. На неа просечниот Македонец има најмногу леб и зеленчук, а најмалку месо и риба. Државната Статистика пресметала дека просечно еден човек на ден консумира по 200 грама леб и уште 130 грама други житарки, речиси 300 грама зеленчук и 125 грама овошје. Потрошувачката на месо и сувомеснато е 100 грама, на риба 15 грама, на млеко и преработки 100 грама, а по едно јајце во просек се јаде секој втор ден.

Статистичарите пресметале и дека дневно еден Македонец јаде по 20 грама чоколади и кекси, а пие по 150 милилитри сокови. Не се троши ни многу алкохол – просечно по 2 милилитри жестоки пијалаци, 5 вино и речиси 20 милилитри пиво.

Потрошувачката на цигари oпаѓа постојано– пред три години еден Македонец во просек пушел по 2.4 на ден, а лани по 2.

Овие податоци се од деталната анализа на потрошувачката на домаќинствата за 2014-та на Државниот завод за статистика, документ кој се објавува еднаш во годината. За 2015-та се уште не е подготвен.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП