15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрадежништвото го „ѕида“ растот – може ли економијата да се потпира само...

Градежништвото го „ѕида“ растот – може ли економијата да се потпира само на еден столб?

grade

Раст од 16.8% за една година – градежништвото повторно беше главната компонента која „изѕида“ вкупно зголемување на економијата од 3.7% и остана главниот столб на кој се потпира стопанството. Сепак, дел од градежните компании кои котираат на берзата прокнижија намалени приходи и профити, а имаше и намалување на цената на квадратниот метар станбена површина.

Што покажуваат билансите на компаниите?

Цементарницата УСЈЕ 2015-та ја завршила со приход од 72.257.073 евра или 8% повеќе од 2014-та. Профитот достигнал 20.545.333 евраи бил помал за 14%. Поголемиот приход, а помалиот профит е резултат на инвестиции, резервации и други расходи.

Фабриката КАРПОШ која прави бетонски полуфабрикати, мостови, далноводи, но и станови и индустриски објекти годината ја завршила со приходи од 10.526.911 евра, зголемување од 21%. Заработката била 305.789 еврасо што бил остварен раст од дури 113%.

АДИНГ кој произведува адитиви за градежништвото минатата година ја завршил со приход од 5.572.748 евра или 34% повеќе. Профитот бил дуплиран, се зголемил за точно 100% и достигнал 248.992 евра.

Од поголемите градежни компании засега единствено БЕТОН Штип ги има објавено резултатите од работењето. Тие имале приход од над 12.276.114 евра и профит од 775.333 евра, послаби бројки во однос на претходната година за 8 односно 49%. Ова се должи пред се на зголемените расходи заведени под категоријата „останато“.

Помалите компании кои пред се градат станбени згради, пак,велат дека имаат зголемување и на понудата и на побарувачката.

„Претходната година остваривме приход од два милиона евра, а сега во истиот период од 4.5 милиони евра. Значи и понатаму градежништвото ќе ја раздвижува македонската економија“, вели Ванчо Чифлиганец, АДОРА Инженеринг.

Станови и куќи – субвенциите ја зголемуваат побарувачката, но цените паѓаат?!

Државните субвенции ја зголемуваат побарувачката. Градежниците тврдат дека со проектите „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“ им се отвора повеќе работа, а позитивните ефекти допрва ќе почнеле засилено да се чувствуваат.

„Има голем интерес. Правиме се што треба за младите да стигнат до свој дом. Во првиот проект се нудеа станови во високоградба, вториот проект им дава друга перспектива за младите луѓе кои досега немале сопствен дом. Се оди на формирање на типски населби во околината на градот за да се растовари гужвата во градот. Се вклучија општините кои даваат своја локација. Очекувам огромен интерес кај младите и градежна експанзија во околината на Скопје во една еколошки почиста средина. За еден објект од 50.000 евра се даваат субвенции до 32.000 евра. Никаде нема ваков сличен поволен проект“, објаснува Роберт Хот, претседател на Градежната комора при ССК.

Сепак, при зголемена побарувачка, како што тврдат градежниците, цените се намалија. Квадратниот метар лани поевтинил за 1.8% во Скопје и за 0.9% во другите градови, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Во метрополата становите во просек се продавале за 860 евра, а надвор од неа за 540 евра.

„Цените во Македонија никогаш не биле напумпани. Под ова ниво може да се оди само со понизок квалитет.  Само во земјите со лоша економија, каде имало премногу нереални цени, како на пример Грција, таму можат нагло да паѓаат. Државата не треба да дозволи да дојде до пад на цените на становите, зошто во Македонија во последните неколку години има традиција на квалитетна градба со звучна и термо изолација, и под овие цени не може да се оди. Ако паднат цените ќе настане колапс на пазарот“, смета бизнисменот Зоран Азманов.

До кога државата може да биде главен работодавач за градежниците?

Главниот поттик за градежниците сепак се големите државни инфраструктурни проекти. Со буџетот за 2016-та се предвидени 408 милиони евра за капитални инвестиции што е за 12.9% повеќе од 2015-та.

Во патната и железничката инфраструтктура ќе бидат вложени 77 милиони евра, најмногу за Коридорот 10 односно за делницата Демир Капија – Смоквица, но крајната сума е поголема бидејќи во неа не влегуваат автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Штип кои се финансираат преку Агенцијата за патишта. За водоводи и канализации ќе одат 50 милиони, а за гасификација 7 милиони евра. Средства ќе има и за изградба и реконстукција на болници – 7 милиони, за новиот клинички центар во Скопје – 10 милиони, за нови основни училишта 2 милиони, за спортски сали 3 милиони и за студентски домови 1.5 милиони евра.

„Инвестициите во изградба на патната инфраструктура, во изградба на железницата како и во другите капитални проекти придонесоа за зголемување на капацитетот и на квалитетот на домашните градежни компании. Само на изградба на трите автопати се ангажирани 2.500 работници“, вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Сепак, за дел од аналитичарите ваквиот раст не може да се одржи на долг рок, проектите некогаш ќе мора да запрат, а кредитите да се вратат.

„Неизвесно е колку е одржлив ваквиот раст, со оглед на тоа што градежните проекти нема да можат да продолжат вечно. Вториот е што овој раст завршува во рацете на мал број луѓе, со што се продлабочуваат социјалните разлики“, вели аналитичарот Бранимир Јовановски.

Дали на долг рок градежништвото може да остане компонентата која „ѕида“ раст?

Градежниот сектор лани повторно беше главниот столб на кој се потпираше економијата, „изѕида“ раст од 16.8%, убедливо највисок од сите гранки. Останатите имаа послаби резултати – рударството и преработувачката индустрија заедно со снабдувањето со електрична енергија и гас имале раст од само 1.4%. Преработувачката индустрија, пак, имала дури и пад од 2%. Добри резултати имале и секторите стручни, научни и технички дејности, од 12.7%, како и финансиските и дејностите на осигурувањето со 11.8%. Пораст забележале и трговијата и транспортот од 7.3%, информациите и комуникациите за 4.6% , како и дејностите во врска со недвижен имот од 1.9%.

За бизнисмените овие бројки се добро остварување, но важно е како што велат растот да почне да се темели на поширока основа која ќе биде и поодржлива.

„Задоволство е да се одбележи и поздрави растот од 3.75 во 2015. Но, ќе биде значајно за македонска економија растот да биде забележителен и во прехрамбената индустрија, преработувачката индустрија и услугите. Така би биле сигурни дека економијата е подготвена да одговори самостојно на потребите на локалната и регионалната потрошувачка (односно квалитет на услугите и производите) широко достапна за глобалниот пазар“ вели Миле Бошков, претседател на Конфедерација на работодавачи.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП