На состанокот во Шангај, министрите за финансии на Г20 дадоа едногласна поддршка на британската Влада, вознемирени од шокот, кој би претставувал за светската економија со излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
Во коминикето за средбата на министрите за финансии на најбогатите земји на планетата се покажува уште во првиот став евентуалниот шок од напуштањето на ЕУ од Британија меѓу ризиците кои ќе надвиснат над заживувањето на светската економија. По прашањето фактички немаше дебата, АФП го цитира францускиот министер за финансии Мишел Сапен.
„Од разговорите беше одлучено прашањето да се вклучи во текстот“, изјави генералниот директор на ММФ, Кристин Лагард.
Британскиот премиер Дејвид Камерон ќе го подложи на гласање ова прашање на 23-ти јуни, откако постигна отстапки од страна на 27-те преостанати членки на ЕУ во однос на почитувањето на британските интереси. Лидерот на британските конзервативци води кампања за останување во ЕУ, но неговата партија е длабоко поделена, а и во самата влада има министри кои го поддржуваат излегувањето.
„Едногласна пресуда на министрите за финансии на Г20 е дека „Brexit“ ќе биде шок за глобалната економија, а откако тоа ќе биде шок за глобалната економија, замислете што ќе биде за Велика Британија“, изјави за БиБиСи од Шангај британскиот министер за финансии Џорџ Озборн.
Индикативен за загриженоста на бизнис заедницата е фактот дека британската фунта падна во текот на неделата на најниско ниво во однос на доларот од близу седум години.
„Светската економија се соочува со повеќе ризици, отколку кога и да било по финансиската криза во 2008-ма година и тоа би бил најлошиот момент да се преземе огромниот економски предизвик од „Brexit““, смета Озборн.