Македонија станува се поинтересна дестинација, статистиката мери постојано зголемување на бројот на странски туристи, но во секторот остануваат повеќе проблеми – менаџерите велат дека и покрај растот работеле на граница на рентабилноста.
Зголемен бројот и на домашни и на странски туристи
Според Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2015-та во однос на 2014-та вкупниот број на гости бил поголем за 10.9%. Кај домашните зголемувањето било 6.5%, а кај странските 14,2%.
Во истиот период бројот на ноќевања се зголемил за 9%, кај домашните туристи за 6.6%, а кај странските за 12,3%.
Според ДЗС лани во земјава дошле над 485.000 странски туристи, во најголем дел од соседните како и од земјите на Бенелукс. Скопје е најпосетена дестинација, половина од туристите го посетуваат главниот град.
Паѓаат девизните приливи од туризмот
Позитивните статистички податоци ги поткопуваат негативните показатели за девизниот прилив од туризмот – бил намален за 25%. Ова се должи на нелојалната конкуренција и спуштените цени, објаснуваат туристичките работници.
„Намалувањето на прометот од ноќевања за хотелиерите е загрижувачки податок бидејќи во услови кога имаме зголемен број на странски туристи како и на вкупниот број на туристи евидентирани во статистиката констатираме дека тоа се должи на фактот што при зголемен број на странски гости се бара од хотелските капацитети да ги симнуваат цените на многу ниско ниво кое се граничи дури и со прагот на рентабилност на дел од објектите“ вели Даниела Василевска – Михајловска од Стопанската комора (СКМ).
Малите пансиони голем проблем за хотелите – се бараат мерки за поддршка
Сопствениците на хотели и ресторани бараат подиректни мерки за поддршка на секторот – намалување на ДДВ на храната во угостителските објекти од 18% на 5%, измени на Правилникот за нивна категоризација и правилна распределба на туристичката такса.
„Под притисок на зголемениот обем странски гости, се бара од хотелските капацитети да ги симнуваат цените на многу ниско ниво, а понудата на порталот www.booking.com е масовна иако повеќето хотелски објекти, хостели, пансиони изложени таму немаат добиено категоризација согласно документите дефинирани во Министерството за економија што создава простор за нелојална конкуренција“, вели Василевска – Михајловска од СКМ.
Токму ова е најголемиот проблем за големите хотели. На интернет се огласува се – станови и соби, мали хотели и пансиони со понуди за глобалниот пазар.
Дури 722 капацитети се претставени на booking.com, најобемната интернет база за резервации. На сајтот има 321 објект во Охрид, 201 во Скопје, 31 во Битола. Може да се најде сместување или храна и во Берово, Кратово, па и во Радовиш.
„На располагање туристички водич до сите околни знаменитости… Бесплатно перење и пеглање на алишта“ – ова се дел од бонусите што ги даваат сопствениците во обид да привлечат гостин повеќе.
Засега во земјава нема ниту еден хотел под меѓународен бренд. Ова наскоро ќе се промени, но само во Скопје. Marriot што ќе се наоѓа на централниот плоштад е речиси готов, а се гради и Double Tree Hilton во Општина Аеродром. Неодамна беше најавено и дека Radisson Blu најверојатно ќе влезе во метрополата. Групацијата веќе е во преговори со потенцијални партнери за ширење на бизнисот во земјава. Сето ова ќе предизвика дополнителен притисок за постоечките хотели во земјава.
Државата ги субвенционира туроператорите кои носат странски гости
Државата одвојува околу 10 милиони евра секоја година како директна поддршка на странските туроператори кои носат гости во Македонија, а од оваа година имаше и зголемување на поддршката за туристи од Израел, Австрија, Малезија, Јужна Кореја од 25 на 65 евра по човек.
„Ова е добра можност и за домашните туристички агенции да ги проучат сите овие можности и да ги проучат пазарите во земјите каде што доаѓа до зголемување на субвенциите и да стапат во контакти со партнери од истите овие земји со цел уште во текот на зимските одмори да се обезбедат туристи“ објасни тогаш портпаролот на Владата, Александар Ѓеоргиев.
Македонија дава различна сума субвенции за привлекување на странски туристи и од Белгија, Холандија, Луксембург, Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Јапонија, Обединетите Арапски Емирати, Кина, Индија, САД, Англија, Германија, Катар, Казахстан, Азербејџан и други земји.
Нискобуџетните авиолинии носат странски туристи
Освен преку директната поддршка на туристичките агенции зголемувањето на бројот на странски гости се стимулира и преку нискобуџетните авиолинии кои исто така добиваат милионски државни субвенции.
Оваа година ќе бидат воведени директни летови до Копенхаген, Братислава, Берлин и Прага.
Скопје е веќе директно поврзано со евтини летови и со Барселона, Базел, Брисел, Келн, Амстердам, Фракфурт, Гетеборг, Хамбург, Малме, Лондон, Минхен, Милано, Венеција, Венеција, Нирнберг, Париз и Стокхолм.
„Ова овозможи и многу туристи и бизнисмени да почнат да ја откриваат Македонија. Ваквиот избор на дестинации и маркетиншките политики на Визер и на ТАВ холдингот, како и владините субвенции за нискобуџетните авиокомпании, придонесоа скопскиот и охридскиот аеродром да станат аеродроми со најбрз раст во регионот“, изјави неодамна генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.
Државата вложува во туризмот, но кои се ефектите?
Државата вложува сериозни пари во стимулацијата, гранката остварува солидни стапки на раст, но Македонија останува далеку од земјите во регионот.
Туризмот засега учествува со само околу 2% од вкупниот Бруто – домашен производ (БДП), а девизните приливи на годишно ниво се околу 200 милиони евра.
К. Н.