Како да се наплати сработеното? Ова е најголемиот проблем со кој се соочуваат македонските компании. Во трите стопански комори согласни – одржувањето на ликвидноста е предизвик и покрај воведувањето на повеќе инструменти – задолжница и закон за финансиска дисциплина.
СКМ: должи државата, должат компаниите
Државата им должи на компаниите, но и тие си должат меѓу себе; спиралата на доцнење на исплатата тешко се прекинува, велат во најголемата бизнис асоцијација, Стопанската комора на Македонија (СКМ).
„Во насока на законот за финансиска дисциплина секако и покрај одредени реперкусии од страна на државата кои што се вметнати, мораме да признаеме дека има нередовно помирување во синџирот на должничко – доверителски односи. Но, ние секако треба да бидеме реални бидејќи бизнисот и во услови на криза, и во услови на ризици; создава свои форми на договарање едни со други“, вели извршната директорка на СКМ, Јелисавета Георгиева.
Законот за финансиска дисциплина е чекор во вистинска насока, велат во Стопанската Комора, но додаваат и дека ќе мора да претрпи одредени измени односно да се скратат роковите кои важат за државните органи кои сега се привилегирани во однос на плаќањето.
„Нашите забелешки во однос на овој закон беа неколку. Ние ги доставивме до владините претставници, во однос на роковите за вклучување на локалната самоуправа и државните институции во овој правец. Тие тоа го прифатија и се надеваме дека од 2016-та ќе се почитуваат комплетно сите рокови. Не велам само на државата кон приватниот сектор, истото се однесува и на приватниот кон приватниот сектор“рече Георгиева.
СКЗМ: доцни повратот на ДДВ
Најтешко оди соработката со државата и со институциите, велат во Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ). Според нив, законот за финансиска дисциплина наместо да им помогне им одмагал на малите фирми.
„Со Законот во најголем дел штета имаат малите и средните компании. Најголем е товарот за нив. Ние како држава промовираме мали и средни компании, а со ова ние го гушиме нивниот просперитет и нивната работа. Од друга страна повратот на ДДВ од страна на државата е со доста задоцнување и ненавремено плаќање. Ликвидноста е голем проблем во работењето“, објаснува Неби Хоџа, претседател на СКСЗМ.
ССК: поголем проблем е сивата економија
Компаниите сфатија дека зависат едни од други и дека мора да се трудат да ги помируваат обврските навреме, велат во Сојузот на стопански комори (ССК). Според нив, задолжницата и законот за финансиска дисциплина веќе даваат резултати.
„Законот почна да ја има својата примена. Кај компаниите најважно беше да се зголеми свеста дека треба да се креира некоја култура на плаќање и едноставно да се исчисти пазарот од оние кои што нефункционално работат“, смета претседателката на ССК, Данела Арсовска.
Сојузот на стопански комори обединува пред се мали и средни компании, па за нив поголем проблем била нелојалната конкуренција односно сивата економија.
„На крајот на минатата година потпишавме меморандум за соработка со Инспекцискиот совет со кој заедно ќе работиме. Едноставно, на сите оние кои што работат како што треба да им бидеме поддршка, а од друга страна за сите оние кои што се нелојална конкуренција и кои го нарушуваат пазарот да се воведе некој тип на репресивни или санкциони мерки како би можел Законот за спречување на нерегистрирана дејност да се имплементира како што треба“, вели Арсовска.
Експерти: проблемот е и во самиот менталитет
За дел од домашните економски аналитичари доцнењето во плаќањето понекогаш е навика, проблем бил и самиот менталитет на менаџерите. Сепак, ја посочуваат државата како клучен фактор – и како регулатор и како економски субјект.
„Значаен играч во таа верижна неликвидност е државата… Клучната работа што треба да ја направи извршната власт после изборите е целосна институционална стабилизација и реформа со која ќе ги убеди сите засегнати страни дека институциите ќе функционираат во корист на граѓаните и фирмите, а не во корист на политичките елити… Во моментов тоа ми се чини клучно. Тоа мора да го реши Владата формирана од било која партија, па макар тоа била и сегашната владејачка партија“, објаснува универзитетскиот професор, Марјан Петрески.
10 совети за подобрување на ликвидноста
Entrepreneurs, бизнис изданието на The Guardian, ги дава следниве совети за подобрување на ликвидноста на компаниите:
- Договорете јасни рокови за наплата
- Фактурирајте веднаш
- Користете електронско банкарство
- Правете анализа на паричниот тек во компанијата
- Зголемете ја соработката со добрите плаќачи
- Побарајте од најдобрите клиенти да го забрзаат плаќањето
- Не се залетувајте по најниската цена, внимавајте и на условите
- Користете ги современите технологии за следење на парите
- Не се фокусирајте на профит, туку на прилив
- Зголемете ја соработката и комуникацијата со вашата банка
К. Н.