22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата порасна за 3.43% заклучно со септември – што значи тоа?

Економијата порасна за 3.43% заклучно со септември – што значи тоа?

bdp

Економијата се зголеми за 3.43% од јануари до септември споредено со истиот период лани; во третиот квартал растот бил 3.5%, нагорени корекции има и за вториот на 3.2% и за првиот на 3.5%.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС) најголем раст имало градежништвото од 9.4%, следат стручните научните и техничките дејности со 15.9%, финансиите и осигурувањето од 11.7% и трговијата од7%.

 

Бизнисмените умерени оптимисти

Ваквите бројки се очекувани и се солидно остварување, велат најголем дел од бизнисмените кои се умерени оптимисти дека следната година може да се остварат уште подобри резултати со инвестициите кои ги планираат.

„Ние како компанија од денот кога постоиме инвестираме и немаме намера да прекинеме со тоа. Оваа година инвестиравме во многу сериозен производствен погон во Битола… За следната година планираме инвестиција за италијански производи… Нашите два објекти влегоа во системот на производи на Руската Федерација. Тоа ќе значи можност за зголемен извоз и за натамошен раст“ објаснува Јован Дабевски, директор на млекарницата „Здравје Радово“.

„Планираме идната година да го зголемиме нашиот капацитет и да снабдуваме поголем дел од пазарот“ вели Арбен Абдурахмани, сопственик на живинарската индустрија „Везе шари”.

Растот го поттикнуваат домашните компании, странските инвеститори како и зголемената соработка меѓу нив, сметаат во Сојузот на стопански комори (ССК). Оттаму велат дека очекуваат засилување на темпото.

„Ова очекување се темели врз основа на што во моментот имаме странски инвестиции кои влегуваат во земјава, меѓутоа и најава за нови кои треба да влезат до крајот на оваа и почетокот на наредната година“ вели Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори.

Градежниците, пак, велат дека тие и натаму ќе го поттикнуваат стопанството бидејќи вложувањата во инфраструктурата им отворале работа.

„Реализацијата на капитални проекти дава сигурност дека и во наредните три до четири години ќе имаме развој на градежништвото и на економијата. Капиталните проекти во изградба на новите три автопати, на брзи и на регионални патишта се основа за развој на секоја економија“, објаснува Роберт Хот, сопственик на градежната компанија Хот и хот.

 

Економистите со до некаде поделени ставови

Економските аналитичари со делумно различни ставови. За едни растот е воден главно од странските инвеститори, за други од вложувањата во инфраструктурата.

„Странските инвестиции претставуваат голема категорија преку која се зголемува БДП. Самото зголемување на БДП, пак, значи зголемување на вработеноста или пад на нејзината негативна манифестација, односно невработеноста“, изјави Љупчо Давчев, продекан на економскиот факултет во Штип.

„Стапката на раст е главно движена од секторот градежништво, кој има исклучително висока стапка од 29,4%. Со оглед дека финалната потрошувачка на јавниот сектор има висока стапка на раст, веројатно растот во градежништвото е генериран од интензивирањето на капиталните инвестиции на државата“ вели Благица Петрески, економски аналитичар.

„Од една страна, имаме значителни инвестиции во инфраструктурата кои повлекуваат значителен капитал и значителен обем на работна сила. Од друга страна, имаме активни политики за вработување кои се двострани – и на страна на работодавачите и на страна на работниците. Се работи за синергија на повеќе мерки, како инвестиции (домашни и странски) и активни мерки со кои се влијае на намалување на невработеноста. Инвестициите, пак, имаат мултипликативен ефект, го динамизираат растот и развојот“, оценува универзитетскиот професор, Јован Пејковски.

 

СДСМ vs ВМРО-ДПМНЕ за статистичките податоци

Статистичките податоци беа повод и за партиски преписки. СДСМ обвини дека Државниот завод за статистика ги фингира податоците за Бруто – домашниот производ (БДП).

„Пред неколку дена неуспешно се обидовте да го спасите премиерот во заминување, Никола Груевски, со нереално прикажување на стапката на вработеност, сега се обидувате тоа да го направите со БДП“ стои, меѓу другото, во соопштението на СДСМ.

На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека СДСМ ги болело што Македонија одела напред со БДП двојно поголем од времето кога опозицијата била на власт.

„СДСМ не може да се помири со фактот дека Македонија бележи континуиран раст на индустриското производство, извозот, градежништвото, отворени се десетици странски инвестиции, креирани се 150.000 работни места и стапката на невработеност изнесува историски најниски 25,5%“, стои, меѓу другото, во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Институциите со различни проекции за растот годинава

Според Народната Банка (НБРМ), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската Банка (СБ) и Европската Комисија (ЕК) економскиот раст на Македонија годинава ќе биде 3.2%, Владата е поголем оптимист со проекција од 3.5%.

Во последниот Извештај на Светска Банка беше посочено дека на Македонија ќе и бидат потребни 30 години со стапка на раст од 4,5% за да го стаса европскиот просек. Македонскиот стандард сега е на ниво од 36% од просекот на Европката Унија (ЕУ).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП