Квалитетното стареење не е прашање на случајност, а кај мажите постари од 50 години ризикот од хронични заболувања се зголемува со секоја нова деценија. Животните навики, особено оние пред спиење, можат значително да влијаат врз здравјето во подоцнежните години.
Александар ЛеРиц, магистер по нутриционизам, истакнува дека речиси 75 проценти од мажите во САД постари од 60 години имаат висок крвен притисок. Чести се и проблемите со срцеви заболувања, дијабетес тип 2, губење на мускулната маса и нарушувања на спиењето.
Важноста на вечерните рутини ја потврдува и диететичарката Емер Делани, која објаснува дека ноќта е клучен период за закрепнување на организмот, регенерација на мускулите и регулирање на хормоните, пишува „EatingWell“.
Квалитетниот сон е темел на здравјето
Доволното количество квалитетен сон не е нешто за кое треба да се преговара кога станува збор за здраво стареење. Д-р Алекс Димитриу, специјалист по психијатрија и медицина на спиењето, вели дека крвниот притисок, шеќерот во крвта, тестостеронот, расположението и меморијата се обновуваат додека спиеме.
„Само една непроспиена ноќ значи дека организмот пропушта огромна можност за закрепнување“, порачува тој.
Како што старее телото, крвниот притисок природно се намалува за 10 до 20 проценти во текот на ноќта, што го штити срцето. Ако не дојде до ова намалување, се зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Сонот влијае и врз нивото на тестостерон. Истражување од 2011-та година покажало дека само една недела спиење по пет часа навечер може да го намали нивото на тестостерон за 10 до 20 проценти.
„Добрата хигиена на спиењето подразбира затемнета просторија и пониска температура, избегнување силна светлина од екраните пред спиење и легнување во исто време“, вели ЛеРиц.
За оптимални резултати се препорачуваат седум до девет часа сон секоја ноќ, со редовен распоред на легнување и будење.
Без храна и алкохол пред спиење
Она што го јадете и пиете во часовите пред спиење може да влијае врз квалитетот на сонот и метаболичкото здравје. Поради доцните оброци, организмот мора да вложи дополнителен напор во варењето, а нивото на шеќерот во крвта може да се зголеми во текот на ноќта. Тоа го нарушува длабокиот сон, кој им е особено потребен на мажите над 50 години.
Алкохолот е особено штетен за сонот.
„Иако алкохолот може да помогне да заспиете, едно истражување покажало дека ја намалува РЕМ-фазата, со што директно се нарушува квалитетот на спиењето“, објаснува ЛеРиц.
Тој додава дека ова особено се однесува на мажите со дијагностицирана опструктивна апнеја при спиење, бидејќи алкохолот дополнително ги опушта мускулите на дишните патишта и го отежнува дишењето за време на спиењето.
„Алкохолот можеби ве прави поспани, но го уништува квалитетот на сонот. Затоа препорачувам да го прескокнете последниот пијалак пред спиење“, вели нутриционистката Ешли Киченс.
Решението е да престанете со јадење и пиење најмалку три часа пред легнување. Киченс препорачува вечерата да биде меѓу 17 и 19 часот.
Ако пијалакот за опуштање е дел од вашата вечерна рутина, ЛеРиц предлага замени без алкохол и кофеин, како билен чај или минерална вода.
Вечерна прошетка по оброкот
Кратката прошетка по вечерата е корисна навика со повеќекратни придобивки за мажите над 50 години.
Активирањето на мускулите им помага да ја апсорбираат гликозата од крвотокот, што го подобрува варењето и го ублажува наглото зголемување на шеќерот во крвта по оброкот.
„Обидете се да воведете 15-минутна прошетка по вечерата. Тоа помага во контролата на шеќерот и го олеснува варењето“, вели Киченс.
Освен што придонесува за регулирање на шеќерот, редовната физичка активност го намалува стресот и ја ослободува насобраната енергија, па полесно се заспива и сонот е понепрекинат.
Дневни навики за здраво стареење
Вечерните навики се важни, но темелите на здравјето се поставуваат во текот на денот. Експертите препорачуваат и неколку дневни навики.
Првата е тренинг со тегови или вежби за сила најмалку двапати неделно. По 30-тата година од животот, мускулната маса се намалува за приближно три до осум проценти во секоја деценија.
„Тренингот за сила е апсолутно клучен за здраво стареење“, вели Делани.
Важно е и внесувањето протеини со секој оброк.
„Со годините потребата од протеини се зголемува, а мажите често не внесуваат доволно, особено за појадок и ручек, ако не внимаваат на тоа“, истакнува Киченс.
Се препорачува и поголем внес на растителни влакна.
„Мажите во просек внесуваат само 18 до 19 грама влакна дневно, а препораката е 30 грама“, наведува Делани, додавајќи дека интегралните житарки, зеленчукот и мешунките се одлични извори.
На крајот, важно е и изложувањето на утринска светлина.
„Побарајте силна светлина и движете се малку наутро. Тоа помага во усогласувањето на внатрешниот биолошки часовник“, советува д-р Димитриу.
Експертите се согласуваат дека клучните вечерни навики за здраво стареење кај мажите над 50 години се обезбедување квалитетен сон, избегнување храна и алкохол најмалку три часа пред легнување и воведување кратка вечерна прошетка.
Овие рутини помагаат во одржувањето на здрав крвен притисок, нивото на шеќер и хормоните, како и во закрепнувањето на организмот.
Во комбинација со дневните навики, како тренинг за сила, доволен внес на протеини и растителни влакна и изложување на утринска светлина, тие создаваат цврста основа за поздраво стареење.
Ако сте загрижени за квалитетот на сонот, здравјето на срцето или ризикот од хронични заболувања, задолжително консултирајте се со лекар.