Падот на енергијата во раните попладневни часови е природна појава и дел од биолошкиот ритам на организмот, која ја чувствува речиси секој човек. Нивото на будност во текот на денот природно се менува под влијание на нашиот внатрешен часовник, а најизразениот пад обично се случува токму по ручекот.
Сепак, неколку едноставни промени во секојдневните навики можат да го ублажат чувството на замор. Марта Сантијаго, медицинска сестра специјализирана за семејна медицина, за порталот „Real Simple“ објаснила неколку начини како побрзо да се разбудите и да ја вратите енергијата.
Џвакање мастика и миење со студена вода
Еден од начините за совладување на попладневниот замор е џвакањето мастика.
„Џвакањето мастика благо го забрзува срцевиот ритам и ја поттикнува активноста во деловите од мозокот задолжени за будност“, вели Сантијаго.
Таа посочува дека истражувањата потврдиле оти луѓето се чувствуваат побудни додека џвакаат мастика, а некои постигнуваат и побрзи реакции на тестовите за внимание.
Ефектот е благ и краткотраен, па се препорачува мастика без шеќер. Брзо освежување може да донесе и миењето на лицето со студена вода.
„Ненадејното чувство на студ ги стимулира нервите на лицето и предизвикува краткотраен наплив на будност“, објаснува Сантијаго.
Проветрена просторија и дневна светлина
Топлата и загушлива просторија ја поттикнува поспаноста, но не е добро ни ако температурата е премногу ниска, бидејќи непријатноста го одвлекува вниманието.
Сантијаго препорачува температурата во просторијата да биде меѓу 20 и 22 степени. Ако не можете да го регулирате греењето, отворете прозорец, соблечете еден слој облека или употребете мал вентилатор. Помага и престојот во близина на прозорец.
„Силната светлина е еден од најмоќните сигнали до мозокот дека треба да остане буден. Надворешната светлина е многу посилна од онаа во затворен простор, дури и кога е облачно“, вели Сантијаго.
Дневната светлина помага и во усогласувањето на биолошкиот часовник, што може да го подобри квалитетот на сонот.
Движење по оброкот
Долгото седење по ручекот може да придонесе за нагли промени на нивото на шеќер во крвта.
„Прошетката по оброкот им помага на мускулите да ја искористат глукозата од храната, со што се ублажува наглото зголемување на шеќерот и падот на енергијата што обично следува“, посочува Сантијаго.
Доволни се и неколку минути лесно одење низ канцеларијата или по скалите. Ако просторот е ограничен, како алтернатива може да направите неколку чучнувања или да марширате во место.
Внесување вода и кафе
Дури и блага дехидратација може да предизвика замор, главоболка и послаба концентрација. Според Сантијаго, луѓето често ја мешаат жедта со чувството на замор.
Затоа таа советува шише со вода секогаш да биде при рака, на работната маса.
Кафето исто така може да помогне, но ако се пие доцна попладне, може да го наруши сонот и така да го засили заморот следниот ден.
За ситуации кога заморот е особено изразен, Сантијаго предлага да испиете мало кафе непосредно пред краток одмор од 15 до 20 минути, но најдоцна до 14 часот.
„Кофеинот почнува да дејствува приближно во моментот кога ќе се разбудите“, објаснува таа.
Музика со побрз ритам
Музиката со побрз ритам може да ја зголеми енергијата и да го подобри расположението. Експертите ова го поврзуваат и со подобри резултати при извршување одредени задачи.
Сепак, Сантијаго предупредува дека песните со вокали можат да ја нарушат концентрацијата при читање и пишување.
За такви активности таа препорачува инструментална музика, додека песните со пожив ритам се посоодветни за извршување рутински работни задачи.