Украина денес соопшти дека и е потребна странска помош од 35 милијарди долари во наредните две години и апелираше за итна поддршка по смената на претседателот.
Министерството за финансии соопшти дека повикало на одржување на донаторски конференции и дека првата финансиска помош е неопходна во наредната недела или две.
Вршителот на должноста претседател Олександер Турчинов, именуван по смената на Јанукович во парламентот, вчера изјави дека Украина е блиску до банкрот и дека економијата се наоѓа на работ на бездната.
„Во последните два дена, имавме консултации и состаноци со амбасадорите на ЕУ, САД и останатите земји и финансиски институции во врска со итната испорака на макро-финансиска помош за Украина“, соопшти вршителот на должноста министер за финансии Јури Колобов.
Тој додаде дека на меѓународната конференција треба да присуствуваат претставници на ЕУ, САД и Меѓународниот монетарен фонд.
Украина до крајот на годината треба да отплати долг во вредност од околу шест милијарди долари.