30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА18 000 денари минимална плата во 2022 година!?

18 000 денари минимална плата во 2022 година!?

Синдикатот, работодавачите и Владата започнаа преговори за зголемување на минималната плата. Синдикалците бараат минималецот да изнесува најмалку 18 илјади денари. Властите велат дека целта им е не само минималната, туку во исто време да расте и просечната плата во Македонија. Од Организацијата на работодавачи сметаат дека зголемувањето само на минималната плата во компаниите може да предизвика незадоволство кај работниците кои се издвојуваат по својата ефективност.

Синдикалците започнаа преговори со властите и стопанствениците за раст на минималецот во висина од 18 илјади денари. Од најголемото синдикално здружение, Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека бараат минималната плата да биде најмалку во висина од 60% од просечната плата. Според синдикалците, на исто мислење веќе е и премиерот кој изјави дека до крајот на 2021 година треба да се зголеми минималната плата токму на 18 илјади денари,  и со таквото зголемување минималецот тој ќе изнесува 63% од просечната плата со што би се остватриле заложбите на синдикатот и барањата на работниците. Од ССМ за Денар велат дека во наредниот период треба да се размислува и за промена на законското решение со кое ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60 % од просечната плата, како и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата преку што многу лесно ќе има зголемување и на просечната плата.

„ССМ укажува дека во услови кога Синдикалната минимална кошница за август 2021 година изнесува 34.342,00 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата, а со дискусијата ако минималната плата  дојде до висина од најмалку  18.000,00 тогаш од прилика две минимални плати би биле доволни да ја покријат синдиканата минимална кошница што би значело подобрување на животниот стандард на македонскиот работник на кој очигледно му е потреба плата за живот. Поради се по евидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека ни треба зголемување на платите  со кој ние  како работници без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница. Затоа, ако само просечната плата расте, а минималната плата стагнира односно минимално се усогласува без да бидат прифатени забелешките на синдикатите, ќе имаме тренд на осиромашување на граганите“, велат од ССМ.

Од Владата потврдија дека премиерот веќе најави дека до крајот на годината минималната плата ќе биде 18.000 денари. Додаваат дека тоа е утврдено преку дијалог и во согласност со социјалните партнери. Од Илинденска број два за Денар велат дека целта е и сите други плати да растат заедно со минималната плата.

„Еден од предусловите да ги задржиме работниците тука во државата е да го зголемиме нивото на плати, почнувајќи од минималната. Работодавачите исто така сакаат да ја задржат работната сила дома и да не ги губат стручните кадри во земјите на ЕУ – затоа треба сите ние да најдеме начин како ЕУ да ја донесеме тука, дома кај нас“, велат од Владата.

Организацијата на работодавачи следната недела ќе решава за одлуката за зголемување на минималецот. Претседателката на ова здружение Владанка Трајкоска за Денар вели дека решиле да направат една мини анкета меѓу членството, па потоа јавно ќе го соопштат резулататот. Трајковска додава дека Економско социјалниот совет по повеќе состаноци со синдикатот и со Владата најде најоптимално решение. Во услови на пандемија, таа вели дека на 31.03.2021 година согласно законските обврски кои се предвидени во Законот за минимална плата се направи корекција во тој дел земајќи ги во предвид трите категории кои се предмет на анализа, и тоа  БДП за претходна година, индексот на трошоците за живот и просечните плати. Согласно тоа, од Организацијата сметаат дека веќе се  исполнети и  критериумите дефинирани во преговорите со ЕУ, односно минималната плата да биде 50% од просечната исплатена плата во државата. Пратениците во Европскиот парламен гласно дебатираат дека е многу не сериозно да се донесе единствена минимална плата во рамките на ЕУ, бидејќи продуктивноста како економска категорија и тоа како се разликува од една до друга членка.

„Во многу наврати претходно зборував дека во одредена мера е вулгарно да зборуваме за зголемување на минималната плата, во услови кога одреден број на работодавачи се на граница на својата продуктивност и опстојување на пазарот, аплицираат за субвенционирање на платите дефиниран во пакетот на мерки кои беа обезбедени од владата. Сметам дека е неопходно во услови на Глобална економска криза Регулаторите и Власта да „ги засукаат ракавите“ и да завземат сериозен став околу кризата која нема да ги засега само работодавачите и нивните вработени, туку ќе биде терет на целокупната заедница. Зборувавме во повеќе наврати дека секое зголемување на минималната плата се повеќе доведува до т.н. „урамниловка“, која пак како едно поодамнешно економско и социјално искуство не покажува добар резултат, односно оваа не популарна мерка ќе предизвика демотивираност кај добрите работници и нивно мигрирање. Не можам да не споменам дека е нејасен фактот зошто синдикатот решението на овој проблем го гледа исклучиво во делот на зголемување на минималната плата, замижувајќи пред фактот дека решавањето овој проблем треба да се гледа многу по глобално. Имено, како што работниците се затекнати од зголемување на цените на енергенсите за потребите на своето домаќинство, работодавачите се соочуваат со зголемување на цените на репроматеријалите, енергенсите, транспортот. Токму поради тоа, институциите на системот треба да превземат сериозен чекор и во овој момент да излезат со предлог суштински предлози со кои ќе го поддржат стопанството и ќе им бидат поткрепа на стопанствениците во оваа комплексна економска ситуација“, вели за Денар Владанка Трајковска претседателка на Оганизацијата на работодавачи.

На средината на ланската година кога минималната плата беше 14 500 денари, порасна на без малку 15 000 денари. Според пресметиките бруто минималната плата изнесува речиси 22 илјади денари. Од нив скоро 20 отсто или 4100 денари се резервирани за придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, 8 отсто, односно 1.650 денари одат за задолжително здравствено осигурување. Уште 0,5 отсто или 110 денари се одвојуваат за дополнителен придонес за задолжително осигурување во случај повреда и професионално заболување и 1,2 отсто или 260 денар се за придонесот за задолжително осигурување во случај на невработеност, односно за придонесот за вработување . Вкупно од бруто минималната платата за придонеси се зафаќаат речиси 30 проценти или 6100 денари.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП