Зависноста од увоз на стоки во Македонија не е ништо ново. И натаму трендот на стоковата размена на земјава со странство е во негатива, односно повеќе се увезува отколку што се извесува. Официјалните податоци велат дека сепак има благо зголемување на вредноста на извозот но и натаму е во минус во однос на увезената стока од странство.
Доколку се проанализираат податоците на Државниот завод за статистика може да се забележи дека во периодот март годинава во споредба со истиот месец лани има намалување и кај извозот но и кај увозот. Во анализираниот период вредноста на извозот е намален за близу 4,5 отсто а за 5,5 отсто е намалена вредноста и на увезената стока. Нешто подобри се бројките во првиот квартал годинава во однос на истиот период лани.
„Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – март 2025 година, изнесува 118 762.5 милиони денари и бележи пад од 0.1 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – март 2025 година, изнесува 170 724.8 милиони денари, што е за 1.2 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Во периодот јануари – март 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина, кои учествуваат со 47.3 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 60.1 % во вкупната размена“, стои во извештајот на ДЗС.
Податоците од извештајот велат дека во првите три месеци од годинава во споредба со првиот квартал лани, според вредноста најмогу сме извезувале во странство растителни масти и животински масти каде е забележан раст од речиси 30 отсто. Следуваат суровини кои не се храна и тоа има зголемување на вредноста за 17 отсто, и за 15 отсто раст на вредноста на извезените пијалаци и тутун. Што се однесува до увозот, најмниогу според вредноста се увезува исто гтака масти од растително и животинско потекло и тоа за 38 отсто повеќе во однос на првите три месеци лани. Минералните горвива се увезени повеќе за 15,5 отсто и за над 8 отсто има раст на увозот на пијалаци и тутунски производи.
И натаму глобалната трговија е под притисок од политиките на САД. За Македонија според очекувањата на познавачите, нема да има големи штети доколку Трамп реши да ги задржи најавени царини, но по се изгледа дека тоа нема да се случи. Полошо сценарио за нас би било доколку продолжат трурбуленциите во најмоќната европска економија Германија и секако доколку не се стави крај на војната во Украина.
И.П