Новиот германски министер за внатрешни работи, Александар Добринд, им изјави на новинарите во среда дека ѝ наредил на федералната полиција да ги заостри граничните контроли со цел да се вратат повеќе нерегуларни мигранти, вклучително и оние кои имаат намера да побараат азил.
„Ќе ги контролираме границите построго, што исто така ќе доведе до повеќе одбивања“, рече Добриндт, член на конзервативниот блок на канцеларот Фридрих Мерц, помалку од 24 часа откако положи заклетва, исполнувајќи едно од главните предизборни ветувања на неговата партија.
Сепак, тој додаде дека ранливите луѓе, вклучувајќи ги децата и бремените жени, нема да бидат одбиени на германската граница, објавува Политико.
Полска и Австрија го критикуваа планот на новата влада, според кој Берлин исто така ќе ги одбие луѓето што сакаат да побараат азил.
„Не станува збор за тоа да почнеме целосно да отфрламе сè уште утре, туку да се осигураме малку по малку дека прекумерните барања се намалуваат, да се намалат бројките и да се испрати јасен сигнал до светот и Европа дека политиката во Германија се променила“, рече Добриндт.
Иако повеќето правни експерти тврдат дека одбивањето на луѓето што сакаат да бараат азил е кршење на законите на ЕУ, Добриндт тврдеше дека постои јасна правна основа за одлуката и рече дека тој и Мерц „разговараат“ со соседите на Берлин за нов пристап.