Општина Старо Нагоричане првпат доби градинка, која се наоѓа во рамки на подрачното училиште во Младо Нагоричане. За градежно-занаетчиските работи и опремувањето Министерството за труд и социјална политика обезбеди средства во износ од 3.001.780 денари.
Отворањето на оваа градинка е резултат на меѓуопштинската соработка на локалните самоуправи на Куманово и Старо Нагоричане и таа ќе функционира во рамки на ЈОГД ,,Ангел Шајче’’- Куманово.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, изрази задоволство поради реализација на напорите да се отворат градинки и во места каде што никогаш немало, а особено во рурални средини, кои беа неоправдано запоставувани во минатото.
Покрај градинката во Врапчиште, која се отвори неодамна, наскоро ќе профункционираат објектите во Зрновце, Прилеп, Чашка, Караслари -Велес, а привршуваат и процедурите за градинките во Маврово Ростуше, Прељубиште, Куманово и Кавадарци. Од МТСП соопштуваат дека во текот на оваа година ќе се изгради или адаптира соодветен простор за предучилишни установи и во Кривогаштани, Чешиново – Облешево, Чучер Сандево, Горобинци, Кравари-Битола, Марена-Кавадарци, Конче, Валандово, Пробиштип, но и во други места низ државата за кои што општините ќе подготват соодветни проекти.