Изложбата на акварели со наслов “(По)трагите на водата-Акварелот од колекцијата на Националната галерија на Македонија”, беше отворена во четврток вечер во Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија.
На изложбата во Софија се претставени врвни дела од доајените на современото македонско сликарство, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски, Димитар Аврамовски-Пандилов, Василие Поповиќ-Цицо, Михајло Шојлев и други.
Изложбата ја отворија, директорот на македонскиот Центар во Софија Васко Шутаров и кураторот на изложбата Елена Георгиевска.
Оваа значајна ликовна изложба изминатите години беше претставена низ повеќе градови во Македонија (Велес, Штип,Куманово,Кавадарци,Битола, Крива Паланка), а годинава е дел од годишните програми на Културно-информативниот Центар во Софија и Националната галерија на Македонија-долгогодишни партнери во организација на ликовни настани во Софија и Р. Бугарија.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија.