Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска се обрати на промотивниот настан „Понатамошен развој и финансиска одржливост на граѓанскиот сектор”, за почеток на спроведувањето на договорите за грант од ИПА ТАИБ 2011, и рече дека на овој начин невладините организации ќе добијат милион и пол евра од ЕУ.
„Преку оваа грантова шема финансирана од Европската унија, 1.500.000 евра ќе бидат инвестирани директно во невладините организации заради зајакнување на граѓанскиот сектор. Преку своите проекти потоа граѓанскиот сектор ќе работи на зајакнување на македонското општество и ќе придонесе Република Македонија да стане економски посилна и подемократска држава”, рече Арсовска Томовска.
На настанот, организиран од Генералниот секретаријат на Владата и Делегацијата на Европска унија, свечено беа доделени договори за грантови на 12 невладини организации. Проектите е предвидено е да траат меѓу 12 и 18 месеци.
Арсовска Томовска потенцираше дека во последните неколку години Владата презела голем број реформи со цел подобрување на доброто владеење, забрзување на економскиот развој и оспособување на граѓаните, како што е усвојувањето на Стратегиите за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2007-2011 и 2012-2017, усвојувањето на Кодексот за добри практики за финансиска поддршка на здруженијата на граѓани и фондации; како и воведувањето измени во правниот систем, со цел да се обезбеди достапност на предлог-законите на веб-страниците на министерствата кои ги подготвуваат тие предлози како и на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) итн.
На настанот се обрати и Шефот на делегацијата на ЕУ, Аиво Орав.