9 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА2Cellos и на главната вечер на Таксират

2Cellos и на главната вечер на Таксират

2cellos 33

Поради огромниот интерес светската атракција, хрватското дуо, 2Cellos го потврди вториот концерт во Скопје и покрај неверојатно исполнетиот распоред.

Поради огромниот интерес кај нас, но и во соседните земји, кој не стивнува ниту по веќе распродадениот концерт најавен во рамки на офф-програмата на Таксират, светската атракција 2Cellos официјално го потврди и својот втор концерт во Скопје и тоа како специјален гостин на главната вечер на Таксират фестивал!

На радост на армијата фанови кои не успеаја на време да го резервираа своето место за солистичкиот концерт, маестралните 2Cellos и покрај неверојатно исполнетиот распоред, на 7. декември доаѓаат во Метрополис Арена. Нивната вуртозност е исклучително атрактивна на концертите, како во престижните концертни арени, така и на најголемите музички фестивали ширум светот, а со настапот и на главната вечер на Таксират, македонската публика ќе има ретка можност да ги доживее двата извонредни перформанси на 2Cellos,  солистичкиот во рамки на офф-програмата и фестивалскиот сет на главната бина на Таксират.

Супергрупата од двајца, 2Cellos на Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер, познати како Хрватите кои го освоија целиот свет, со секој свој настап гарантира незаборавно доживување и за оние со најпрефинет музички вкус. Националните хрватски и меѓународни награди на Лука и Стјепан не се бројат, а нивната виртуозност со воодушевување е прифатена секаде во светот. Речиси и да не постои престижна концертна сала во светот каде момците не измамиле громогласни аплаузи. Од Нов Зеланд до Америка, 2Cellos се прифатени со восхит и неверување во нивниот музичко сценски капацитет и особено се познати по огнената енергија и неизмерната љубов кон музиката која не можат да ја сокријат на сцена. Опуштени и секогаш подготвени да ја доведат публиката во еуфорија. Повод за концертите во Скопје е и нивниот нов, трет студиски албум – „Celloverse“ кој го објавија годинава и на кој покрај преработките на светските хитови во препознатливиот стил, Лука и Стјепан додадоа и авторски материјал.

„Ако сакате да видите нешто навистина неверојатно, гледајте ги 2Cellos во живо. Зачудувачки е! Не сум видел ништо повозбудливо од времето кога во ’60-те го гледав Џими Хендрикс“, вели Сер Елтон Џон за 2Cellos.

Со приклучувањето на 2Cellos во фестивалското финале на Таксират 2015, програмата за 7. декември е комплетирана, а покрај нив на големата сцена во Метрополис Арена ќе имаме чест да ги пречекаме великаните на музичката авангарда Laibach, шведската power/heavy метал атракција Sabaton, жестоките каталонци La Pegatina, култниот хип хоп состав С.А.Ф. и Тони Китановски Little Big Band и диџеј составот на лондонскиот дабстеп феномен Modestep за затворање на фестивалот.

Оваа вечер, македонската публика за прв пат ќе има прилика да ги чуе во живо Sabaton, La Pegatina и Modestep, актуелните групи кои ја освоија светската сцена токму со своите извонредни настапи. Култните Laibach доаѓаат претставувајќи го својот нов студиски албум „Spectre“ кој се појави по пауза од речиси 8 години и токму со концертот на Таксират ја започнуваат големата Sound of Music 2016 турнеја за овој албум. Македонските претставници пак, хип хоп легендата С.А.Ф. на ТАКСИРАТ доаѓа во полн состав и за прв пат ќе го изведе култниот албум „Сафизам“ во придружба на бенд, и тоа Little Big Band на реномирниот џез мајстор Тони Китановски.

Таксират е посебен феномен во музичката приказна на Скопје. Скромен и раскошен дел кој илјадници луѓе од Македонија и целиот регион, веќе 17 години го чуваат како скришно место во градот и секој декември го претвораат во свој музички епицентар. Годинава, со шестте најавени концерти, а секој од нив со своја посебност, повторно се собираме заедно во нов музички марш на 17-тата Таксират едиција! Твое време е! На 7. декември, во Метрополис Арена! Преврти го Скопје наопаку!

Првиот контингент влезници за главната вечер на Таксират кои се продаваа во рамки на промо-акцијата со цена од 499 денари е целосно распродаден! Од денеска (вторник, 24. ноември) стартува продажбата на билетите со првата цена во претпродажба: 699 денари која ќе важи само до 1. декември!

По овој датум билетите во претпродажба ќе чинат 899 денари, сѐ до 7. декември, кога на билетарницата пред Метрополис Арена ќе важи полната цена: 999 денари. Покрај регуларните влезници, за главната вечер на ТАКСИРАТ достапни се и ВИП влезниците кои чинат 2.000 денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП