26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонците секој ден се задолжуваат за нови 704.000 евра– како ќе се...

Македонците секој ден се задолжуваат за нови 704.000 евра– како ќе се движат каматите?

mon

За една година просечниот Македонец се задолжил за дополнителни 105 евра. Кај банките во октомври имал вкупни позајмици од 935 евра, а во истиот месец лани од 830 евра. Во овој период банките на граѓаните секој ден во просек им одобрувале по 704.000 евра нови кредити, со што вкупниот износ пораснал за речиси 214 милиони евра и надминал 1 милијарда и 933 милиони, покажуваат најновите податоци на Народната Банка.

Ваквите бројки се должат и на намалувањето на каматите последниве две години. Комерцијалните банки коментираат дека трендот на кастрење на стапките ќе запре бидејќи речиси и е достигнато најниското ниво.

„Трендот на намалување на каматните стапки по наше мислење сметам дека ќе продолжи уште краток период и после тоа ќе следи стабилизација ако се земат предвид макроекономските показатели. Каматните стапки и нивната висина зависи од побарувачката и понудата“ вели Антонио Аргир, НЛБ Тутунска банка .

„Станбените кредити во моментов се со 2.9%, навистина не  можам да видам во вакви околности, ако се земе предвид изложеноста на населението и нивната можност за сервисирање на обврските колку пониско би оделе тие каматни стапки. Кај другите производи може да има некоја надолна корекција“ објаснува Маја Стевкова – Штериева, финансиски директор на Комерцијална Банка.

Гувернерот на Народната Банка, пак, неодамна предупреди да се подзапре со одобрувањето на потрошувачки, а парите да се насочат кон станбени за граѓаните и инвестициски кредити за компаниите. НБРМ од наредната година најверојатно ќе воведе и нови мерки во оваа насока.

„Растот на потрошувачките кредити достигна 12,8% и е двојно повисок од зголемувањето на корпопративните кредити што за нас не е прифатливо на подолг рок, парите треба да се трошат за попродуктивни цели и за креирање раст и нови работни места. Потенцијалните мерки кои се разгледуваат не се однесуваат на зголемување на каматните стапки за потрошувачките кредити и на нивно поскапување, туку нивниот пораст да го доведеме до некоја нормалност. Односно, потрошувачките кредити да ги добиваат тие што можат да ги враќаат“ објасни Гувернерот Димитар Богов.

Полека се стабилизира нивото на нефункционалните кредити односно на позајмици за кои се доцни при отплаќањето на ратите. Тие со одредени месечни промени се движат меѓу 11 и 12% од вкупното портфолио на поединечните банки.

Паралелно со кредитите растат и депозитите, но со побавно темпо од лани. Според НБРМ во октомври вкупните заштеди на домаќинствата достигнале 3 милијарди и 372 милиони евра или 1.630 евра по глава на жител.

За да го поттикне штедењето во домашна валута на подолг рок Народната Банка воведе нова мерка со која ја намали задолжителната резерва за депозити во денари со поголема рочност од една година од 8 на 0%, а најави и дополнителни чекори.

Некои од банките веќе реагираа на мерката и понудија штедни влогови со повисоки, поатрактивни и што е најважно фиксни каматни стапки.

„Тоа е добра мерка која ќе има повеќе позитивни ефекти и на нивото на каматните стапки и на бројот на производи кои што може да се понудат на клиентите. Генерално мерката е на линија да го стимулира долгорочното штедење што впрочем и не е само нивно, туку и наше настојување. Ние секоја година настојуваме да воведеме нови карактеристики на постојните производи или сосема нови производи за да се стимулираат граѓаните да штедат на долг рок“ вели Маја Стевкова – Штериева, финансиски директор на Комерцијална Банка.

Растот на депозитите во целост произлегува од депозитите на населението, додека депозитите на претпријатијата забележаа пад на месечна основа. Граѓаните традиционално имаат доверба во домашната валута, денарските депозити учествуваат со 56% во вкупните штедни влогови.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП