Готвењето со растителни масла како сончогледовото, на пример, ослободува токсични хемикали кои се поврзани со појавата на рак и други дегенерации на мозокот, и подобар избор се свинската маст, путерот, кокосовото или маслиновото масло, сметаат британските научници.
При загревањето на растителните масла, како што се сончогледовото, пченкарното, палминото или маслото од соја, се ослободуваат хемикалиите кои се нарекуваат алдехиди, кои се поврзани со појавите на различни облици на рак и на невродегенеративните болести, како што е Алцхајмеровата.
Мертин Грутвелд, професор по биоаналитичка хемија и хемиска патологија на британскиот Универзитет ДеМонтфорт вели дека пржената храна, како компирчињата или рипчињата, содржи 100 до 200 пати повеќе алдехиди од дозволената дневна доза според препораките на Светската здравствена организација (СЗО – WHO).
Со употребата на маслиновото масло или на свинската маст при готвењето, се создаваат помали количества алдехиди, а најздраво е кокосовото масло.
Растителните масла, според професорот, се поврзани со срцевите заболувања, со ракот, воспаленијата, високиот крвен притисок и со менталните болести. Омега 6 масните киселини во растителните масла ги истиснуваат важните омега 3 киселини, коишто се важни за мозокот да остане здрав, појаснува професорот Џон Стејн, професор по невронаука на Универзитетот Оксфорд.
Тој, исто така, смета дека недостигот од омега 3 киселините е важен фактор во настанувањето на низа ментални проблеми и други тешкотии, како што е дислексијата.
На тој проблем здравствените организации и прехранбената индустрија не му придаваат доволно внимание, предупредуваат стручњаците.