1 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАРебалансот утре пред пратениците, експертите со серија критики

Ребалансот утре пред пратениците, експертите со серија критики

Утре почнува расправата за ребалансот на буџетот за 2025 година. Како по обичај власта го брани прекројувањето на државната каса со образложение дека на тој начин ќе се реализираат повеќе проекти со пари кои не биле потрошени, а биле планирани со првичната проекција. Опозицијата обвинува за недомаќинско однесување и трошење на проекти кои не се реални. Експертите пак се со став дека стапката на инфлација, она што најмногу ги интересира и погодува граѓаните е амбициозна. Од Институтот за економски анализи сметаат дека предвидените трошоци за плати и пензии може неповолно да влијаат врз солидно-отпочнатиот процес на фискална консолидација.

Фајнанс тинк смета дека проектираниот раст на даночните приходи од 12,6 проценти, односно повеќе од двојно повисоко од збирот на проектираната реална стапка на раст на БДП и ревидираната стапка на инфлација, е амбициозен. Експертите велат дека реализацијата на даночните приходи во првите пет месеци од годинава која изнесува 37,6 проценти, споредено со пропорционален процент на остварување од 41,7 проценти, слично со остварувањето кај приходите од ДДВ 36,9 проценти, акцизите 34,4 проценти и увозните давачки 36,6 проценти, а кои, претставуваат директен одраз на пулсот на економијата.

„Неданочните приходи се зголемуваат во износ од 4,2 милијарди денари, кои во значаен дел се остварени од финансискиот резултат на Народната банка, обезбеден преку законски измени порано во текот на годинава со кои се овозможи 85 проценти од финансискиот резултат на Народната банка да се уплаќа во Буџетот на државата. Со ваквото зголемување на буџетските приходи се овозможи зголемување на буџетските расходи, и тоа најмногу кај платите на јавната администрација (830 милиони денари), стоките и услугите (1,8 милијарди денари) и пензиите (2,5 милијарди денари)“, се наведува во извештајот на ФТ.

Со ова реструктуирање на буџетските расходи Институтот смета дека неповолно се влијае врз солидно-отпочнатиот процес на фискална консолидација. Од ФТ се на став дека зголемувањето на буџетските трошења кои влијаат врз агрегатната потрошувачка има ризичен потенцијал да ја одржи упорноста во растот на цените во текот на целата 2025 и почетокот на 2026 година. Особено загрижувачки е што растот на трошоците за пензиите се искачи на 16,8 процети во однос на трошокот во 2024 година, имајќи предвид дека и растот од 14,8 проценти при првото проектирање на Буџетот беше висок, велат од Фајнанс тинк.

„Овие укажувања се материјализираа, бидејќи инфлацијата во првите пет месеци од 2025 година изнесува 3,7 проценти и останува високо упорна, и покрај рестриктивната монетарна политика и владините мерки за замрзнување на маржите и цените во сегментот храна. Со зајакнувањето на експанзивноста на фискалната политика, преку ребалансот на Буџетот, упорноста на инфлацијата ќе остане и во следниот период“, велат од Институтот.

Како втор, од Фајнанс Тинк наведуваат дека зголемување на ставката „стоки и услуги“, пак, расте со 22,5 проценти во однос на остварувањето од 2024 година, што е големо забрзување на растот кој беше висок и при иницијалното проектирање од 14,8 проценти. Имајќи предвид дека оваа ставка е недоволно транспарентна и вклучува, на пример, договори на дело како форма на квази-вработување во јавната администрација, истата крие ризици особено во година на локални избори, велат од Фајнанс тинк.

„Со ребалансот, капиталните расходи се задржуваат на слично ниво како и при иницијалната проекција од декември 2024 година, но, посочува Институтот, заклучно со мај 2025 тие се реализирани само со 22,5 проценти. Извесната материјализација на ризикот од неостварување на даночните приходи со крајот на годината ќе се компензира со потреализацијата на капиталните трошоци, со што годината ќе заврши со проектираниот – или понизок – буџетски дефицит, се наведува во коментарот за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година“,заклучуваат од ФТ.

Според документот што го усвои Владата на 19. јуни вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а капиталните расходи се планирани во висина од 47,5 милијарди денари. Во однос на проекцијата за БДП таа останува 3,7 проценти, а инфлацијата се очекува понатаму да се стабилизира и е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар