2 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈА500.000 нови работни визи ќе издаде Италија за граѓани кои не се...

500.000 нови работни визи ќе издаде Италија за граѓани кои не се членки на ЕУ

Италија ќе издаде речиси 500.000 нови работни визи за граѓани кои не се членки на ЕУ од 2026-та до 2028-ма година, соопшти кабинетот на премиерката Џорџа Мелони. Овој потег е дел од стратегијата за проширување на каналите за легална имиграција како одговор на недостигот на работна сила.

Вкупно 164.850 лица ќе добијат дозвола за влез во земјата следната година, со цел да се достигнат вкупно 497.550 нови влезници до 2028-ма година.

Ова е втор ваков потег на премиерката Џорџа Мелони откако ја презеде функцијата пред речиси три години како лидер на десничарска коалиција. Владата веќе одлучи да издаде повеќе од 450.000 дозволи за мигранти помеѓу 2023-та и 2025-та година.

Заедно со правилата за прием на нови работници, Мелони зазеде цврст став против нелегалните имигранти, преземајќи мерки за забрзување на репатријацијата и ограничување на активностите на добротворните организации што спасуваат мигранти во Медитеранот.

„Квотите беа утврдени земајќи ги предвид потребите изразени од социјалните партнери и самите апликации за дозволи поднесени во претходните години, со цел да се создаде програма што ги задоволува потребите на бизнисите и е реална“, се вели во соопштението.

Стареењето на населението и намалувањето на стапката на наталитет ја нагласуваат потребата од привлекување странски работници во третата најголема економија во еврозоната. Во 2024-та година, бројот на смртни случаи беше околу 281.000 повеќе од бројот на раѓања, а населението се намали за 37.000 на 58,93 милиони, продолжувајќи го трендот од последната деценија.

Земјоделското лоби „Coldiretti“ го поздрави планот на владата, велејќи дека тоа е важен чекор за да се обезбеди достапност на работници во земјоделството и производството на храна во земјата.

„Владата ќе продолжи решително да дозволува канали за легална миграција што ќе им користат на важните сектори на нашата економија“, изјави министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози за дневниот весник „La Stampa“ во неделата.

За да се спротивстави на тековната депопулација и да ги одржи сегашните нивоа на население, Италија ќе треба да прими најмалку 10 милиони имигранти до 2050-та година, според студијата на институтот „Osservatorio Conti Pubblici“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар