20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКина го ревалвираше јуанот најмногу за десет години

Кина го ревалвираше јуанот најмногу за десет години

juan 33

Кина во понеделникот го ревалвираше курсот на јуанот во однос на американскиот долар најмногу во последните десет години, само три месеци по девалвацијата којашто ги шокираше светските пазар.

Според соопштението на кинеската централна банка, средниот курс на јуанот во однос на американскиот долар е ревалвиран за 0,54 отсто. Агенцијата Bloomberg истакнува дека станува збор за најголема ревалвација на јуанот од 2005 година, која Пекинг го укина фиксниот курс на националната валута во однос на американската.

Кина сега дозволува јакнење на вредноста (ревалвација) или слабеење (девалвација) на домашната валута од 2 отсто во однос на доларот, во однос на дневниот курс на домашниот пазар на девизи.

Во август кинеските власти во само една седмица го девалвираа јуанот за 5 проценти во рамките на реформите чијашто крајна цел е пофлексибилен курс на националната валута. Тој потег предизвика загриженост во странство дека кинеската економија е во полоша состојба отколку што дотогаш се мислеше, како и дека Пекинг се обидува да го поевтини извозот за да го поттикне неговиот посилен раст.

Кина вети дека ќе ја девалвира својата валута за да ја поттикне конкурентноста на својата економија, а актуелната ревалвација треба да се разгледува и во контекстот на настојувањата на Пекинг на јуанот да му осигури статус на резервна меѓународна валута, каков што во моментов има американскиот долар. Таа амбиција е условена со подготвеноста и маневарскиот простор на Кина да ги ублажи своите ограничувања за тргувањето со јуанот.

Кинеските монетарни власти стравуваат дека со откажувањето од контролата над курсот на јуанот би се лишиле од важна алатка за управувањето со економијата, којашто во третиот квартал од 2015 година го забележа најбавниот раст во последните шест години.

За на јуанот да му обезбеди поголемо влијание во меѓународните трансакции, Пекинг мора да го убеди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) да го вклучи во кошницата светски валути, кои во моментов ја сочинуваат американскиот долар, еврото, британската фунта и јапонскиот јен. Глобалниот кредитор ги ажурира компонентите од кошницата на секои пет години, а следната е на ред до крајот на ноември.

„Економијата се стабилизира и очекувањата на натамошната депрецијација (обезвреднување) ослабеа, како во самата Кина, така и во странство. Од друга страна, пак, целта на политиката на владата во Пекинг е очигледна – се обидуваат да го задржат стабилен девизниот пазар и да го насочат, имајќи предвид дека стабилизацијата е важна за прифаќањето на јуанот во кошницата специјални права за повлекување на претстојниот состанок на ММФ“, вели за AFP Лиу Џиан, аналитичар во „Bank of Communications“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП