6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСвежи пари за иновативни проекти, компаниите се гладни за парите од Фондот...

Свежи пари за иновативни проекти, компаниите се гладни за парите од Фондот за иновации

fong

На вториот повик се пријавиле стотина фирми за трите инструменти, преку кои се добива неповратна државна помош.

„Во првата половина на ноември ќе влеземе во фазата на претселекција, која ќе ја спроведе Комитетот за одобрување на иновации. Во него членуваат реномирани меѓународни експерти. Ова значи дека до крајот на ноември ќе можат финално да бидат селектирани субјектите кои ќе ги добијат средствата, ќе се потпишат доворите и ќе се пласираат средствата од страна на државата. На овој начин компаниите ќе се стекнат со можност да остваруваат дополнителен профит, со што се придонесува и за развојот на самата компанија и за општиот економски развој на државата“ –објаснува потрпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Најголем дел од апликациите се за старт-ап и спин-оф претпријатија, во кои максимално можат да бидат инјектирани до 30 илјади евра.

„Ови компании се во категоријата на фирми кои реално најтешко обезбедуваат средства и најтешко доаѓаат до финансии од комерцијалните банки. Сметам дека Фондот за иновации и технолошки развој ќе има позитивна улога за овие старт-ап компании“ – вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

25 компании побарале пари за комерцијализација на иновации, а максималниот износ за овој инструмент е до 100 илјади евра. Другите компании побарале пари од третиот инструмент, односно за трансфер на технологии, а овде се даваат до 200 илјади евра.

„Токму ова е разликата во однос на првиот повик. Тој беше наменет за фирми кои постојат до 6 години, а сега имаа можност да аплицираат и позрели компании, бидејќи преку инструментот за комерцијализација на иновациите се финансираат поголеми проекти во понапредна фаза на развој“ – објаснува вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Со вториот повик, државата преку Фондот за иновации во стопанството ќе вбризга дополнителни 1,3 милиониевра.

Се работи за пари кои се од исклучително значење за фирмите кои не се во можност сами да создадат капитал за поддршка на иновативноста.

„За големите фирми е полесно да обезбедат финансирање на големи проекти и иновации, бидејќи можат да ги финансираат од оперативните приходи што ги реализираат. Сепак, за микро, мали и средни претпријатија тоа е многу потешко. Затоа и постои Фондот за иновации и технолошки развој. Годинава почнаа да се објавуваат и првите повици за финансирање на микро, мали и средни претпријатија, старт-ап претпријатија не постари од 6 години,  меѓутоа и на позрели претпријатија кои можат да ги комерцијализираат своите иновации“ – вели директорката на Фондот за иновации и технолошки развој, Јасмина Поповска.

Кои се условите?

Кај кофинансираните грантови за старт-ап и спин-оф компании е потребно друштвото да е регистрирано во Централниот регистар, да е старо до 6 години, да е со мнозинска македонска сопственост, да брои до 250 вработени, годишните приходи да не надминуваат милион евра, да не го финансирал проектот со пари од други извори, да не е капитално поврзан со друго претпријатие, каде што збирните приходи надминуваат милион евра, да нема кумулирано над 200 илјади евра во претходните 3 години, да нема финансиски потешкотии и да не се занимава со производство на јаглен. Кај поддршката за комерцијализација, инструментот е отворен за сите микро, мали и средни претпријатија, а можна е соработка и со друго претпријатие или научна установа.

Кај грантовите за трансферни технологии е можно да се формира конзорциум од микро, мали и средни фирми, научни установи, кластери, бизнис – здруженија, стопански комори. За техничка помош прекуделовно – технолошки акцелератор, максималниот износ за оперативните трошоци, хонорар за менаџирање и за финансирање на акцелерираните претпријатија е до 500 илјади евра. Акцелераторот, освен техничка и логистичка помош, обезбедува финансии до 22 илјади евра по проект и дополнителни 72 илјади евра, за најдобрите претпријатија.

10 милиони евра до 2018 година

Владата планира до 2018 година преку Фондот за иновации да додели вкупно 10 милиони евра. На првиот повик аплицираа 78 компании, селектирани беа 16. Се работи за старт-ап и спин-оф фирми од ИКТ-секторот, електроника, производство на машини и видео игри, прехранбени претпријатија.

„Оваа поддршка е многу значајна за старт-ап компаниите во Македонија, ќе им овозможи да се фокусираат на развој на производите и на иновациите. Овие средства ни се од корист за забрзан раст и развој на нашата компанија“ – вели Никола Бојков, еден од корисниците на парите од Фондот.

„Ние сме мала компанија со оограничени ресури за развој и за истражувања, и затоа се важни овие средства“ –вели Бојан Ѓуричиќ, уште еден добитник на пари од Фондот.

Иновациите го менуваат бизнисот

Вложувањата во иновации ја зголемуваат конкурентноста на компаниите, а со тоа се зголемува конкурентноста на целата економија. Бизнисмените треба да ја стимулираат иновативноста и да вложуваат во истражувања, бидејќи тоа носи зголемен профит – велат економистите.

„Македонските фирми издвојуваат од 6 до 7 милиони евра на годишно ниво за иновации и за развој, а во словенечката економија се издвојуваат 506 милиони. Иновативните претпријатија имаат за 15% побрз раст на продажбата од неиновативните, за 8% побрз пораст на продуктивноста и на конкурентноста, побрз пораст на платите. Иновацијата дава натпросечен профит“ – вели академикот Таки Фити.

Бизнисмените велат дека за да се успее на пазарот е потребно да се биде иновативен и чекор пред конкуренцијата.

„Ако сакаш да издржиш, но и да успееш на пазарот, мораш да бидеш иновативен“ – вели бизнисменот ЉупчоТрајчев.

Македонските фирми се иновативни – велат од бизнис-заедницата, но досега главен проблем биле финансиите.

„Со помош на Владата и на Комората, 16-те компании кои аплицираа на првиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој сега продолжуваат со своите успешни приказни. Се надевам декаи вториот повик ќе биде успешен“ – вели претседателката на ССК, ДанелаАрсовска.

Од 140 земји во светот, Македонија е на 60-та позиција во извештајот на Светскиот економски форум за глобална конкурентност. Земјава за една година направи скок за три позиции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП