2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМакедонија се сеќава на Тоше и неговите песни

Македонија се сеќава на Тоше и неговите песни

65502_1tose-proeski

Пред осум години на 16 октомври 2007 година во 6.20 часот во сообраќајка кај Нова Градишка загина македонскиот поп пејач, Тоше Проески, најголемата македонска ѕвезда, пејач и хуманитарец.

Осум години по неговата смрт, не само Македонија, на него и на неговите песни се сеќава цел Балкан и се присетува на кобното утро кога се дозна тажната вест за загинувањето на Тоше.

Неговата менаџерка, Лилјана Петровиќ во изјава за хрватскиот весник „Јутарнји лист“ вели дека за родителите на Тоше како да застанало времето. Таа редовно контактирала со нив, но вели дека нивната тага со ништо не може да се излечи.

„Утеха им даваат нивните внуци Кристијан и Никола, синовите на сестрата на Тоше, Дора. Четиринаесетгодишниот Кристијан многу потсетува на Тоше, и пее и свири“, изјавила Петровиќ.

По трагедијата таа целосно се повлече од естрадата. Живее во Ниш и се занимава со производство на етерични масла и одгледува лаванда.

Долгогодишната девојка на Тоше, Андријана Будимир, пред две години се омажи за угостител во Скопје и има син Максим.

По смртта на Тоше, Петровиќ и Будимир се соочија на суд по изјавите на Петровиќ за хрватските медиуми дека Будимир лаже дека последните смс пораки Тоше и ги пратил нејзе и тврдеше дека воопшто не контактирале.

Будимир ја тужеше и судот пресуди Петровиќ да и исплати 300.000 денари на Будмир за клевета.

Возачот на џипот „туарег“ Ѓорѓи Ѓорѓиевски ја одлежа двегодишната затворска казна на којашто беше осуден за сообраќајката во која загина Тоше.

Сообраќајката се случила кога возилото со кое патувал во насока на Загреб удрило во приколка на камион, а потоа се извртело и удрило во заштитната ограда.

Тоше загинал на местото на несреќата, а во моментот на сударот спиел на совозачкото седиште од автомобилот.

Во несреќата повредени беа менаџерката Петровиќ и возачот Ѓорѓи, кои беа хоспитализирани во болницата во Нова Градишка.

Според изјава на возачот на камионот Славиша Кузмановиќ, возилото „Фолксваген Туарег“ во кое се возел Тоше, со голема брзина удрило во приколката на камионот.

Возачот на камионот не се појави на судењето, а Ѓорѓиевски по пресудата кратко искоментира „И покрај сé Тоше си е Тоше“.

Неодамна објавена е нова песна на Тоше на ромски јазик ‘Efta purane ikone’ .

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП