18 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПромоција на романот „Нешто напишано“ од Емануеле Треви

Промоција на романот „Нешто напишано“ од Емануеле Треви

nesto-napisano

Во рамки на едицијата „Европски калеидоскоп“, издавачката куќа Магор го објави романот „Нешто напишано“ од италијанскиот писател Емануеле Треви.

Романот е добитник на Европската награда за литература во 2012 година. Преводот од италијански јазик е на Живко Грозданоски.

Промоцијата на книгата, на која ќе биде присутен и авторот, ќе се одржи во среда во кафе-книжарницата Магор со почеток во 20.30 часот. Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Анастасија Ѓурчинова и проф. д-р Владимир Мартиновски.

Емануеле Треви (Рим, 1964) е една од клучните појави во современата италијанска литература и култура воопшто. Посветен книжевен критичар, преведувач, новинар, чест соработник на списанија, дневни весници и радија, автор на неколку романи. За својот начин на пишување има изјавено дека е „обид радикално да се обнови концептот за тоа што ‘есејот’ претставува“.

Романот „Нешто напишано “е објавен во 2012 година. Насловот реферира на истоименото поглавје од последниот, недовршен роман „Петролеј“ на Пјер Паоло Пазолини (централна тема во книгата), и воедно доследно ја оправдува полиморфната природа на ова дело, кое истовремено е и фикција, и есеј, и книжевна критика, новинарско истражување, патопис, монографија…

„Нешто напишано“, предавајќи ги наизменично автобиографското искуство на Емануеле Треви во Фондот Пазолини (вториот дом на психотичната Лаура Бети) и неговите исцрпни истражувања и размисли за Петролеј, плови по два главни токови кои, откако ќе минат низ студените и влажни предели надвиснати од сенките на Насилството и Сексуалноста, најпосле вешто и нежно се слеваат во една, заедничка, конечна утока – заокружувањето на иницијацискиот ритуал и досегањето на врховното спознание, визијата во облик на „блесок“.
Книгата е објавена со финансиска поддршка на програмата Култура на Европската унија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП