24 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит пад шести ден по ред, Dow Jones со нов антирекорд

На Волстрит пад шести ден по ред, Dow Jones со нов антирекорд

wall st 33

На Волстрит цените на акциите во вторникот паднаа шести ден по ред, по драматичното тргување во коешто пред самиот крај од тргувањето индексите ги загубија сите полетни добивки, бидејќи вложувачите, загрижени од слабоста на кинеската економија, не сакаа да ризикуваат. Индексот Dow Jones постави нов антирекорд, а избришени се 2.000 милијарди долари.

Индексот Dow Jones се лизна за 1,29 отсто, на 15.666 поени, додека индексот S&P 500 падна за 1,35 проценти, на 1.867 поени, а индексот Nasdaq се намали за 0,44 отсто, на 4.506 индексни поени.

На крајот од тргувањето во вторникот индексот DJIA (Dow Jones Industrial Average) го постави и новиот анти-рекорд. Првпат во својата 119-годишна историја тој загуби за повеќе од 200 поени во текот на четири дена (во вторникот неговиот минус изнесуваше 204 поени), забележува Marketwatch.

„Во четирите трговски сесии, индексот загуби 1.682,29 поени, што е најголемиот пад во текот на ист период во најлошите седмици од финансиската криза од 2008 година, кога DJIA , во периодот од 6-ти до 9-ти октомври загуби 1.746,19 поени“, пишува коментаторот на Marketwatch.

Во изминатата седмица индексот Dow Jones загуби 10,5 отсто од вредноста, индексот S&P 500, пак, 11 отсто, при што беа избришани повеќе од 2.000 милијарди американски долари пазарна вредност на акциите. Оттаму и двата индекса се во минус во однос на почетокот од годинава, а по првпат по четири години потонаа во „областа на корекција“, односно 10 отсто под нивното претходно највисоко ниво.

На почетокот од тргувањето во вторникот, овие индекси скокнаа и до 3 отсто, бидејќи инвеститорите проценија дека по остриот пад на цените во петокот и понеделникот, акциите се потценети. Индексите беа во плус сé до последниот час од тргувањето, а тогаш нагло паднаа, при што сите 10 сектори од индексот S&P 500 завршија во минус, бидејќи никој не сакаше да ризикува додека не се види натамошниот развој на ситуацијата на кинеските берзи, на коишто во првите два дена од оваа седмица цените на акциите потонаа за 16 отсто.

За да се стабилизираат цените на берзата во Шангај и да се поттикне растот на економијата, кинеската централна банка во вторникот ги намали клучните каматни стапки, веќе вторпат во последните два месеца. Тоа првично позитивно влијаеше врз Волстрит, но подоцна еуфоријата спласна, бидејќи кинеските монетарни власти веќе подолго време водат лабава монетарна политика, а и покрај тоа растот на економија и натаму забавува. Оттаму, вложувачите стравуваат од натамошен пад на цените на акциите во Шангај.

„Инвеститорите се нервозни, бидејќи не се сигурни што ќе се случува утре во Кина, па не сакаат да ризикуваат“, вели за Reuters Пол Нолте, менаџер во фондот „Kingsview Asset Management“.

Растот на кинеската економија веќе подолго време забавува, иако владата во Пекинг и тамошната централна банка воведоа серија мерки за поттикнување на растот. Тоа ги плаши вложувачите дека кинеските власти повторно, како и пред две седмици, ќе посегнат по девалвација на националната валута јенот и ќе се обидат да ја зголемат конкурентноста на кинеските производи наменети за извоз, и така да го поттикнат растот на втората според обемот светска економија.

Меѓутоа, тоа би можело да предизвика валутна војна меѓу земјите во развој, кои би се обиделе да се одбранат на ист начин, и да доведе до забавување на растот на севкупната светска економија. Уште повеќе што започнува повлекување на капиталот од земјите во развој и негово пренасочување на развиените пазари, бидејќи во САД веќе подолго време се очекува скорешно зголемување на клучните каматни стапки.

„Инвеститорите се згрижени поради слабиот раст во светот и пресвртот во монетарната политика на американската централна банка (Federal Reserve – Fed), а тие ризици и натаму му се закануваат на пазарот“, вели во анкетата на Reuters Марк Лускини, стратег во компанијата „Janney Montgomery Scott“.

Вложувачите стравуваат од натамошен пад на цените на акциите, па забрзано и засилено се повлекуваат од пазарите, на што укажува големиот обем на тргувањето. На американските берзи во вторникот сопствениците ги заменија 10,4 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во август изнесува 7,5 милијарди акции, и беше поголем од ваквиот показател во јули.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП