Прогласувањето на кризна состојба на јужната и северната граница од земјата нема да го реши проблемот со мигрантите кои во сé поголем број стигнуваат во Македонија, па властите во Скопје очекуваат хуманитарен одговор од Европската унија во најскоро време.
„Очекуваме во најскоро време хуман одговор од страна на ЕУ кој ќе ги опфати сите земји кои се засегнати од мигрантиската криза и солидарно ќе го сподели товарот од соочувањето со предизвикот“, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Иво Котевски.
Според последните информации кои беа објавени во српските медиуми, Европската унија во наредните шест месеци или една година ќе им понуди помош од 8 милиони евра за Србија и Македонија за прифаќање и помош на мигрантите. Ова го изјавил во Белград шефот на делегацијата на ЕУ Оскар Бенедикт.
Владата на седницата во средата донела одлука за прогласување на кризна состојба во регионот на нашата јужна и северна граница со што се отвора можност и за соодветен ангажман и на Армијата на Република Македонија.
„Заради големиот притисок на јужната граница и се поголемиот интензитет преку балканскиот мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки беше проценето дека е потребно дополнително, зголемена, поефикасна контрола на граничниот појас каде се регистрирани масовни илегални преминувања од грчка страна. ангажманот на армијата очекуваме да даде резултат во две насоки да се зголеми безбедноста и спокојството на локалното население и да се оствари посеопфатен пристап за лицата кои изразиле намера да бараат азил. За жал, јужната граница не беше заштитена од грчка страна, мигрантите беа организирано транспортирани до границата“, изјави Котевски.
Се очекува да биде формиран Главен штаб при Центарот за управување со кризи кој треба да изготви акциски план и да одлучи за следните чекори.
Во последните 24 часа 1,327 странски државјани добиле потврда за азил, а од стапувањето на сила на Законот за азил и привремена заштита, односно во последните два месеци издадени се околу 40.000 потврди.
Со ова практично мигрантите нема да можат да влезат на територијата на Македонија, освен оние кои ќе успеат илегално да ја преминат границата која не може да се контролира стопроцентрно. Од Јавното претпријатие Македонски железници веќе изјавија дека немаат ресурси да ги пренесат сите мигранти од Гевгелија до Табановце, а од МВР велат дека земјава нема неограничени можности.