21 јуни, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСо бурен аплауз за гостите од Бугарија затворен Битола Шекспир фестивал

Со бурен аплауз за гостите од Бугарија затворен Битола Шекспир фестивал

бурен-ап

Со бурен аплауз и овации беше поздравена актерската екипа на Драмскиот театар од Габрово, Бугарија, во вторникот вечерта на затворањето на третото издание на меѓународниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“, што од 22-ри до 28-ми јули се одржуваше во Народниот театар во Битола.

Претставата „Ромео и Јулија“ од Вилијам Шекспир, во режија на Петринел Гочев, којашто е една од најдобро оценетите претстави во тековната театарска сезона во Бугарија, презентираше исклучителна актерска умешност со режисерски концепт кој изобилува со динамични сценски движења и кореографија, мошне впечатлива сценографија со префинети визуелни реженија и модерна и провокативна изведба која кај битолската публика наиде на особен прием.

На третото издание на „Битола Шекспир фестивалот“ беа понудени неколку нови и различни читања на Шекспировите дела. Дел од фестивалот беа и премиерната изведба на претставата „Антониј и Клеопатра“ на Битолскиот театар, во режија на Џон Блондел, како и претставите на Народното позориште од Сомбор, Србија, театарот „Лит Мун“ од Санта Барбара, САД, Турскиот театар од Скопје, како и театарскиот перформанс на актерот Ги Сонен од Холандија.

Во рамките на фестивалот се одржа и работилница за создавање нов драмски текст инспириран од сонетите на Шекспир, во која освен актерите на битолскиот театар и актерите од Лит-Мун театарот, беа вклучени и драматурзи, шекспиролози и режисери. Резултатот на оваа работилница како една голема коопродукција предвидено е да се реализира на четвртото издание на шекспировиот фестивал.

Претходните две години на сцената на Битолскиот театар, како дел од овој фестивал кој се реализира со поддршка на Министерството за култура и општината Битола, продефилираа големи театарски компании како што се Глоуб театарот, Кинескиот национален театар, Мексиканскиот национален театар и многу многу други што секако е една од главните причини за одличната посетеност на фестивалот.Битолскиот театар, инаку, е еден од театрите кој има најмногу поставени пиеси на Шекспир во Македонија и во регионот и тоа во моментот на репертоарот има три шекспирови дела на репертоарот: „Отело“, „Хенри VI“ трет дел и „Антони и Клеопатра“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП