15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМеркел потврди дека се разговарало за исклучување на Грција од еврозоната, подготвена...

Меркел потврди дека се разговарало за исклучување на Грција од еврозоната, подготвена е за олеснување на долгот

merkel-intervju-tel

Варијантата со исклучување на Грција од еврозоната беше присутна во текот на преговорите на самитот во Брисел, потврди германската канцеларка Ангела Меркел во интервјуто за германската телевизија ARD, при што ги демантираше слуховите дека ќе поднесе оставка поради разногласието во врска со Грција во нејзината влада, а изрази подготвеност да се разгледа олеснување при исплатата на долгот на оваа земја.

„Таква варијанта беше на масата“, рече Меркел зборувајќи за таканаречениот Грекзит и додаде дека „значително мнозинство гласаше за другото решение, а тоа е нешто коешто треба да се има предвид“.

Германската канцеларка во продолжение од разговорот истакна дека Берлин со големо внимание ќе го следи извршувањето на сите обврски од страна на Грција во рамките на договорот за решавање на грчката криза. „Строго ќе ја следиме имплементацијата на сите делови од нашиот предлог“, рече Меркел.

Според неа, во моментов не постои напредок во Грција во однос на одлуката за проблемот. „На почетокот од годинава уште и можеше да се забележи некаков напредок, но сега сé е разурнато“, додаде Меркел.

Канцеларката во интервјуто ги негираше шпекулациите дека во владата била побарана нејзината оставка. Претходно во некои медиуми беше објавено дека министерот за финансии, Волфганг Шојбле, од редовите на конзервативците на Меркел, ја побарал нејзината оставка, поради одлуката да се започнат преговорите со Грција за третиот пакет помош.

Вицеканцеларот и министер за економија, Зигмар Габриел, челник на коалицискиот партнер во власта Социјалдемократската партија (SDP), во интервјуто за јавната телевизија ZDF посочи на „големото влошување на односите меѓу Меркел и Шојбле“ во заднината на резултатите од европските преговори за Грција, и тоа поради тоа што Шојбле на Атина ѝ понуди петгодишно суспендирање на своето членство во еврозоната, додека не ја консолидира својата економска состојба.

„Ние имаме заедничка цел. Министерот за финансии, како и јас, ќе бидеме вклучени во овие преговори. Никој не барал од мене оставка, и јас не гледам смисла во продолжувањето на оваа дискусија“, одговори Меркел.

Германската канцеларка изјави и дека е подготвена да го разгледа дополнителното олеснување за исплатата на долгот за Грција, кога ќе бидат познати најновите економски реформи. Меркел во интервјуто за ARD истакна дека е отворена за разговорите за намалувањето на стапките и продолжувањето на рокот на отплатата. Меѓутоа, истакна дека тоа може да се случи дури откако ќе бидат договорени условите од најновиот пакет за помошта и дека тоа не би било отпишување на долгот, како што претходно меѓу другото сугерираа Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и САД.

Германија, најголемиот грчки доверител, зазема остар став кон Грција. И Атина и еден од најголемите нејзини кредитори ММФ се заземаат за реструктуирање на грчкиот долг од најмалку 320 милијарди евра, тврдејќи дека сегашната состојба е неодржлива.

Меѓутоа, Меркел повторно истакна дека „класичниот отпис од 30, 40 отсто од долгот не може да се случи во монетарната унија“. „На Грција веќе ѝ е отпишан дел од долгот (107 милијарди евра во рамките на вториот пакет меѓународна помош, и тоа најголемиот дел од приватни те германски доверители – з.м.), а ние потоа ги продолживме роковите за отплатата и ги намаливме каматните стапки“, потсети Меркел.

„За таа можност можеме повторно да разговараме … Кога ќе биде направена успешна ревизија на програмата за којашто ќе се преговара, тогаш ќе се расправа за тоа прашање, не сега, туку тогаш“, додаде канцеларката.

Помошта во износ меѓу 82 и 86 милијарди евра во рок од три години, коишто мината седмица ја договорија челниците на земјите членки на еврозоната по 17 часови тешки преговори, е условена и до Грција бара да спроведе нови дополнителни реформи на даночниот и пензискиот систем, како и на пазарот на трудот, како и да ги приватизира клучните делови од државната сопственост, иако приватизацијата суштински досега не беше спроведена.

Условите кои се инаку потешки отколку оние претходно доверителите ги предложија а Грците ги одбија со референдумот од 5-ти јули на повикот на левичарската влада на премиерот Алексис Ципрас, многумина во Грција ги сметаат за „понижувачки“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП