20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОхридските кајчари стапија во штрајк

Охридските кајчари стапија во штрајк

kajchari44444ohrid

Охридските кајчари стапија во штрајк незадоволни што од нив се бара да вршат превоз единствено ако имаат регистрирано фирма, а не како досега кога превозот со такси кајчињата го вршеа како физички лица.

Сите години во УЈП ги плаќаме давачките кои се 10% од просечната плата во државата. Не бевме информирани за никакви измени во законот. Таман дојдоа гости, да заработиме некој денар, дојдоа од пазарна инспекција и напишаа казни за четворица кајчари во висина од 500 евра. Ние не сме моќни да отвараме фирми и да плаќаме давачки кои се околу 1500 евра годишно. Работиме сезонски едвај 30 дена во годината, кога времето е стабилно за да возиме. Ние толку промет не ни правиме во тие дена кога возиме, а останатиот период немаме услови за работа. Бараме да биде како досега да работиме како физички лица и да плаќаме како и до сега паушал, велат кајчарите.

Тие додаваат дека ако имало проблеми требало да се решат пред почетокот на туристичката сезона. Велат ќе го интензивираат штрајкот додека не се исполнат нивните барања.

Од Пазарниот инспекторат информираат дека обврската- возењето со такси превозот со кајчиња да се врши преку регистрирана фирма, е согласно новиот закон за спречување и вршење нерегистрирана дејност кој стапи во сила во месец април годинава.

Наша намера не беше да казнуваме и реагираме во текот на сезоната и покрај тоа што законот стапи во сила во април. Добивме претставка од граѓанин дека во Охрид кајчарите немаат регистрирано фирма и моравме да излеземе на терен. Сопствениците на кајчиња кои се интересираа беа информирани за новиот закон според кој за вршење дејност со нерегистрирана фирма казната е 3500 евра. И покрај тоа, казните кои беа издадени досега се согласно законот за трговски друштва според кој тие изнесуваат 500 евра, или 250 ако се платат во рок од осум дена. Не можат да се повикуваат на законот за туристичка дејност бидејќи со него е опфатено физичко лице кое врши изнајмување на кајче, а не наплаќање за превоз, вели раководителот на Пазарен инспекторат Охрид, Ѓорѓи Бошале.

Тој потенцира дека такси превозот со кајчиња се врши за комерцијални цели, односно се врши превоз за што се наплаќа, па затоа мора да се врши преку регистрирана фирма.

Законот дава можност и за здружување, односно формирање трговско друштво за кое би работеле кајчарите и кое би функционирало како и такси компаниите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП