На европските берзи цените на акциите во понеделникот остро паднаа, особено во Грција, на која и се заканува банкрот бидејќи ниту во неделата не беше постигнат напредок во преговорите за решавање на должничките проблеми.
FTSEurofirst индексот на 300 водечки европски акции околу 11,00 часот беше во минус 0,8 отсто, на 1.530 поени, откако во петокот потона за 0,9 отсто.
Лондонски FTSE истовремено беше во минус 0,60 отсто, на 6.742 поени, додека франкфуртски DAX се спушти за 1,25 отсто, на 11.054 поени, а париски CAC 0,95 отсто, на 4.854 поени.
Најмногу изутрината, за над 6 отсто, паднаа цените на акциите на Атинската берза, иако претхондо во петокот веќе потонаа за 5,9 отсто. Притоа под најголем притисок се најдоа акциите на грчките банки, кои паднаа помеѓу 11 и 12 отсто.
Ова е последица на уште еден неуспешен обид за изнаоѓање на решение за грчките должнички проблеми. Во неделатата состанокот помеѓу претставниците на грчката влада и нејзините кредитори траеше помалку од еден час и не вроди со никаков напредок.
Европските функционери инсистираат на намалување на пензиите и зголемување на ДДВ-то за да се намали буџетскиот дефицит на Грција, но Атина тоа го одбива.
„Нема никаков напредок во врска со Грција, оттука очекувам дека во наредните денови европските акции да бидат под притисок“, вели Ричард Грифитс, аналитичар во компанијата Berkeley Futires.
Остро, за 1,6 отсто, паднаа цените на акците во Италија бидејќи инвеститорите се уплашија дека грчката должничка криза би можела да го разниша и италијанскиот пазар на обврзници.
Досега поттикнувачки монетарни мерки на Европската централна банка, рекордно ниските каматни стапки во еврозоната и сигналите за закрепнување на економијата поддржуваа раст на цените на европските берзи и покрај грчката должничка криза.
„Индексот FTSEurofirst 300 од почетокот на годината е во плус за 12 отсто, но аналитичарите велат дека добивката би можела да спласне доколку не се најде решение за Грција.
„Расположението на берзите веројатно ќе остане негативно додека нема некакви позитивни вести во врска со Грција“, вели Маркус Хубер, трговец во компанијата Peregrine & Black.