Руската економија покажува знаци за подобрување и оваа година би требало да се намали за 2,7 отсто и повторно да забележи раст наредната 2016 година, и тоа за 0,7 отсто, прогнозираат во Светска банка.
Остриот пад на цените на нафтата и западните санкции поради украинската криза, имаат силно изразени ефекти врз руската економија и во Светската банка досега предвидуваа пад на руските економски активности за 2015-та од 3,8 отсто, и за 0,3 отсто во 2016 година, пренесува AFP.
„Прогнозата е променета главно поради прилагодувањето на цените на нафтата во изминатите два месеца кој го поткрепува курсот на рубљата, како и поради нешто побрзото слабеење на инфлацијата. Тоа на централната банка на Русија ќе ѝ овозможи во преостанатиот дел од 2015-та да го интензивира монетарното ублажување, што пак ќе ги намали трошоците за задолжувањето и ќе го поттикне кредитирањето на компаниите и населението“, коментира во соопштението главната економистка на Светската банка за Русија, Бригит Хансл.
Цените на нафатат забележаа остар пад од јуни 2014 година до јануари 2015-та, за во меѓувреме да се опорават околу нивото од 60 долари за барел. Оттаму, вредноста на рубљата минатата година остро падна, но од почетокот на оваа година руската валута јакне, па функционерите заклучија дека најлошиот дел од кризата минал.
Руската централна банка драматично во декември минатата година го подигна каматите, парирајќи му на наглото слабеење на рубљата, но изминатите месеци неколкупати ги намали, паралелно со попуштањето на стравувањето од инфлацијата.
Во меѓувреме и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги подобри прогнозите за Русија и сега очекува 3,4-процнетен пад на активностите во оваа и стагнација во 2016 година.
Официјалната статистика, пак,м покажува дека рускиот бруто домашен производ (БДП) во првиот квартал од 2015 година е намален за 1,9 отсто.
Аналитичари сметаат дека има тешкотии кои стојат пред Русија и во следниот период. „Најтешката фаза допрва доаѓа“, изјави за агенцијата Интерфакс поранешниот руски министер за финансии Алексеј Кудрин кој смета дека активностите во вториот квартал ќе паднат посилно отколку во првите три месеца од година. „По тоа состојбата ќе се стабилизира и надолниот тренд ќе заврши“, додаде Кудрин.
Минатата седмица и руското министерство за финансии ги подобри прогнозите за економскиот раст во периодот до 2018 година, кој би требало да се потпира на стабилизирањето на цените на нафтата. Според новите прогнози, активностите во руската економија во 2015 година би требало да се намалат 2,8 отсто, во однос на досега прогнозираниот пад од над 3 процента. Прогнозата се темели на претпоставката за просечната цена на уралската нафта во оваа година од 50 долари за нафта.
Следната 2016 година, според новите процени, руската економија би требало повторно да забележи раст, и тоа од 2,3 отсто, а истата стапка на раст би требало да биде забележана и во 2017-та, и благо за забрза во 2018 година, на 2,4 отсто, со опоравување на цените на нафтата во истиот период до 70 долари за барел.
Инфлацијата на крајот од годинава би требало да изнесува меѓу 11,6 и 11,9 отсто, и да се лизне на 7 проценти во 2016-та, и на 6,3 отсто во 2017-та. Во 2018, година, пак, дополнително би требало да ослаби на 5,2 отсто, според процените на министерството.
Просечниот курс на рубљата во однос на американскиот долар е проценет на 60 рубљи за долар а до 2810-та рубљата би требало да зајакне со процена на курсот до 53,2 рубљи за долар.
Покрај „неутралното“ сценарио, министерството го објави и „оптимистичкото“ коешто претпоставува повисоки цени на уралската нафта, во просек од 60- долари за барел во оваа година, и нивен раст до 90 долари до 2018 година. Во таквите околности, економските активности годинава би се намалиле за 2,5 отсто, по што би следело посилно заздравување, пресметале во руското министерство.