20 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАОстар пад на цените на акциите на Волстрит

Остар пад на цените на акциите на Волстрит

Wall-Street22

На Волстрит во вторникот, како и на европските берзи, цените на акциите забележаа остар пад, бидејќи силниот надворешнотрговски дефицит на САД предизвика стравувања дека американската економија во првиот квартал од 2015-та година паднала.

И на европските берзи во вторникот цените на акциите остро паднаа. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 0,84 отсто, на 6.927 поени, франкфуртскиот индекс DAX потона за 2,51 проценти, на 11.327 поени, додека парискиот индекс CAC загуби 2,12 отсто, на 4.974 индексни поени.

На Волстрит во вторникот индексот Dow Jones ослабе за 0,79 отсто, на 17.927 поени, индексот S&P 500 потона за 1,18 отсто, на 2.089 поени, а индексот Nasdaq за 1,55 отсто, на 4.939 индексни поени.

На вредноста загубија сите 10 сектори од составот на индексот S&P 500, при што најмногу, за повеќе од 2 отсто, паднаа цените на акциите во технолошкиот и во услужниот сектор. Падна, и тоа за повеќе од 1 отсто, дури и енергетскиот сектор, иако цените на нафтата пораснаа за 2 отсто. Тоа е последица од податоците дека надворешнотрговскиот дефицит на САД во март скокнал дури 43 отсто, на 51,4 милијарди долари, највисокото нови по последните шест и пол година.

Во првата процена за растот на бруто домашниот производ (БДП) за 0,2 отсто на годишно ниво за првото тримесечје, американската влада процени дека дефицитот изнесувал 45,2 милијарди долари, па во вторникот објавениот податок за поголемиот дефицит предизвика стравувања дека во првиот квартал БДП-то всушност паднало.

„Оваа негативна бројка ги преплаши пазарите. Но, освен растот на дефицитот, друг удар на пазарот му зададе и растот на каматните стапки во странство“, вели во анкетата на Reuters Ален Гејл, стратег во компанијата „RidgeWorth Investments“.

Оптимизмот по прашањето на заздравувањето на економијата во еврозоната и намалените притисоци врз инфлацијата предизвикаа во вторникот раст на приносите на германските и обврзниците од другите европски земји, додека приносите на американските државни 10-годишни обврзници го достигнаа највисокото ниво во последните два месеца. Тоа инвеститорите ги наведе на повлекување од пазарите на акции и вложување во обврзници.

Како што се ближи крајот на сезоната на објавување на кварталните деловни резултати на компаниите во САД, во фокусот на инвеститорите повторно се макроекономските показатели, а тие не се баш најдобри. Рака на срце, првите податоци за април покажуваат дека во вториот квартал растот на американската економија би можел да забрза. Меѓутоа, аналитичарите, сепак, не очекуваат толку силно заздравување како минатата година, која исто така по забавување на растот во првото тримесечје, во второто економијата силно скокна.

Поради тоа со нетрпение се очекува извештајот за вработеноста во САД, кој ќе биде објавен во петок и кој обично значително влијае врз насоката на пазарите. Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека во април бројот на вработените е зголемен за 213.000. Во март беа отворени са 126.000 нови работни места, најмалку од декември 2013 година, а уште еден таков слаб податок дефинитивно би потврдил дека растот на најголемата светска економија забавил.

Тоа дополнително го зацврсти уверувањето на инвеститорите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) нема пред есента да ги зголеми клучните каматни стапки, но прашање е дали тоа позитивно би влијаело на пазарот. Индексот S&P 500 имено се движи само околу 1 отсто од највисокото ниво во историјата, но прашање е според некои аналитичари дали е тоа оправдано, имајќи го предвид острото забавување на растот на економијата и анемичните деловни резултати на компаниите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП