7 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи со благ раст, еврото околу 1,12 долари

Азиските берзи со благ раст, еврото околу 1,12 долари

Chinese stock investors check their shar

На азиските берзи денеска претпладне цените на акциите благо пораснаа по почетниот пад, бидејќи вложувачите се надеваат на нови поттикнувачки мерки поради забавувањето на растот на најголемите економии во регионот.

Берзанските индекси во Австралија, Јужна Кореја, Хонгконг и Шангај во понеделникот претпладнето беа во плус меѓу 0,2 и 0,8 отсто. Во Сингапур цените на акциите благо паднаа, додека во Јапонија денеска е неработен ден. Индексот MSCI на азиско-пацифичките берзи, без јапонските, се движеше во позитивната област од 0,2 отсто. А на самиот почеток од тргувањето, овој индекс беше во загуба од 0,2 процента, бидејќи инвеститорите беа разочарани од макроекономските показатели од Кина.

Според извештајот на банката HSBC и институтот Markit, PMI индексот на производствените активности во Кина паднал во април од 49,6 на 48,9 индексни поени, најниско ниво во последните дванаесет месеци, што е уште еден показател за забавувањето на растот на втората според обемот светска економија. Покрај тоа, советодавното тело на владата во Пекинг извести дека растот на кинеската економија во тековното тримесечје би можел да изнесува 6,8 отсто на годишно ниво. Во првиот квартал од 2015 година кинескиот бруто домашен производ (БДП) порасна за 7 отсто, што е најбавното темпо на раст во последните шест години.

Ваквите вести привично ги поколебаа инвеститорите, но подоцна цените на акциите во Шангај пораснаа, бидејќи слабите економски податоци би можеле да ја натераат владата итно да воведе нови поттикнувачки мерки. „PMI индексот укажува дека се потребни дополнителни поттикнувачки мерки за растот на економијата да не забави под 7 отсто од првото тримесечје“, вели во анкетата на Reuters Анабел Фидес, економистка во Markit.

Аналитичарите на швајцарската банка UBS, пак, наведоа во белешките за клиентите дека од кинеските власти очекуваат забрзување на спроведувањето на инфраструктурните проекти и дополнително намалување на каматните стапки во следните месеци. Слични извештаи за производствениот сектор во Јапонија и Јужна Кореја, објавени во петокот, исто така укажаа на слабеење на активностите, па инвеститорите се надеваат на поттикнувачки мерки и во овие економии, што би требало позитивно да влијае на цените на акциите.

„Валуациите и натаму се привлечни, а зголемената ликвидност ги поттикнува цените на акциите. Оттаму, секој пад на цените инвеститорите го сметаат добра можноста за купување акции“, вели Грејс Там, аналитичарка во фондот „JP Morgan Asset Management“.

А на валутните пазари американскиот долар се стабилизираше, откако неговиот курс со денови беше под силен притисок поради уверувањето меѓу вложувачите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) ќе ја одложи одлуката за зголемување на каматите, имајќи ја предвид низата од сигнали за забавување на економијата во САД.

Од 13-ти април индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте светски валути најголеми трговски партнери на САД, падна за 5 отсто, па во петокот потона на 95,25 –процентни поени, најниското ниво во последните два месеца. Во понеделникот претпладне, пак, се движат над тоа ниво, при што доларот зајакна во однос на европската валута. Курсот на еврото се лизна во понеделникот претпладне на 1,1190 долари, додека на затворањето од тргувањето во петокот изнесуваше 1,1200 долари. Доларот во однос на јапонската валута се движи стабилно околу нивоата од петокот, околу 120,10 јени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП